Монголската принцеза која ги предизвикувала своите додворувачи на боречки меч

Во голем број бајки од различни култури во светот, таткото кој не се согласува со изборот на зетот или клетва фрлена од вештерка ја спречува принцезата да си го најде шармантниот принц. Но нештата биле малку поразлични во Монголија во 13 век.

Во необичен демократски процес, наместо ќерката на монголскиот кан, Кутулун, да му биде ветена на негов сојузник или на важен светски велможа, зет можел да му биде секој. Но под еден услов, дефиниран од самата принцеза - не може да се венчаш со неа додека не ја победиш во боречки ринг. Ако загубиш, треба да донираш неколку јаки коњи. 

Можеби звучи лесно, но кога станува збор за пра-пра-внуката на Џингис Кан, тоа не било така. 

Родена околу 1260-та, Кутулун била маркантна појава. Според „Патувањата на Марко Поло“, таа била „толку добро градена во сите нејзини екстремитети, и толку висока и силно градена, што личела на женски џин“. Не е необично и што зрачела со самодоверба. Била мајстор за стреличарство и јавање, вештини што ги совладала уште во детството. Секогаш кога татко ѝ, Каиду - водачот на канатот Чагатај, одел во војна, тој се потпирал на Кутулун (а не на своите 14 синови) за помош. 

Била бестрашна. Не само што јавала до татка си во битките, туку понекогаш и самостојно јуришала врз непријателот, како „сокол што навјасува пиле“, пишувал Марко Поло. Историчарот од 13 и 14 век, Рашид ал-Дин бил уште подиректен, пишувајќи дека таа „често водела воени кампањи каде вршела херојски дела“. 

Секако, таа имала голем број додворувачи кои согласно горенаведениот принцип требало да покажат ем одважност, ем реална физичка сила борејќи се со неа. Бидејќи често губеле, таа во својата коњушница насобрала (некои велат) 10.000 коњи од поразените, што го правело дури и царот малку љубоморен. Монголските степи биле преполни со остатоците на скршени машки суети. 

При една прилика, особено самоуверен кандидат се обложил во 1000 коњи. На родителите на Кутулун тој им се бендисувал, плус веќе се загрижиле дека таа никогаш нема да се омажи, па ја тргнале настрана и ја замолиле да му попушти. Откако внимателно ги ислушала, таа влегла во рингот и го исфрлила со сета сила сиротиот ерген на плочникот пред палатата. Си ги собрала 1000-те коњи и никој не смеел да зуцне. 

Според легендата, таа на крај сепак си нашла сопруг, одбирајќи човек со кого никогаш не се борела. Децении подоцна станала инспирација за либретото на „Турандот“, операта на Пучини, со тоа што таму принцезата ги победува своите додворувачи со загатки, а не со боречки зафати.  

26 март 2025 - 13:34