Едмонд Албиус бил роден на почетокот на 19 век на малиот вулкански остров Реунион во Индискиот океан. Неговата мајка, робинка, умрела во текот на пораѓањето. Детето останало на поседот на извесен Фереол Белие Бомон, француски колонист.
Тоа е време кога Французите носеле зрна ванила на Реунион и блискиот Маурициус со надеж дека погодните климатски услови ќе овозможат масовно производство на овој зачин. Но растенијата биле стерилни бидејќи ниту еден инсект не ги опрашувал. Причина: кога расте во дивина, ванилата е опрашувана само од еден вид пчела која се наоѓа исклучиво во Мексико, татковината на зрната ванила. Растението било ценето од Ацтеките кои верувале дека тоа содржи „занат“ - нектар на Боговите. Ова во Европа било преведено како афродизијак, па ванилата станала хит помеѓу аристократијата, особено користена во храната и парфемите. Но обидите за нејзино производство пропаѓале. Сè до едноставниот, а толку потребен изум на Албиус.
Господарот на Албиус го учел на основите на ботаниката, вклучително и како се опрашуваат цветови. Во 1841 тогаш 12-годишното момче изумило метод за брзо опрашување на ванила орхидејата користејќи тенко стапче или страк трева и мануелно пренесувајќи го поленот од машкиот на женскиот дел од билката.
Секако, идејата дека 12-годишен роб дошол до вакво големо ботаничко откритие не поминувало добро кај елитите. Во расистичкиот историски роман од 1938 на францускиот автор Жорж Лимбур од 1938, Les Vanilliers, тој го опишува Албиус „смотан како глупав инсект“. Но вистината е дека претходните научнички методи развиени во 1830-тите од Шарл Морен, професор по ботаника од Белгија, за опрашување ванила со микроскоп и мали ножички, траел многу подолго (околу 20 минути) и воопшто не одговарал за земјоделско производство.
Денес техниката на Албиус им е позната на сите одгледувачи на ванила. По оплодувањето, во тек на една година, од орхидејата почнува да расте група семиња, богати со маслата кои му го даваат на зачинот препознатливиот мирис. Во Реунион денес има школо, улица и бронзена скулптура посветени на Едмонд Албиус, првото црно момче - крал на ванилата.