Кока-колата била изум на доктор Џон Стит Пембертон, кој бил ранет додека се борел на страната на Конфедерацијата, што го направило зависник од морфиумот кој му бил препишан за болките. Живеејќи во Атланта после војната, тој го пробал новиот чудотворен лек - кокаинот и сфатил дека тоа му го решава проблемот со зависноста. Како и голем број други медицински лица од негово време (втора половина на 19 век), тој го прогласил кокаинот за безбедно решение за голем број здравствени тегоби вклучително и „нервозата“ која ја навјасала белата средна класа - а да не ги спомнуваме импотенцијата и сексуалната дисфункционалност.
Во 1884, Пембертон почнал да продава вино со кока (за овој вид вино види претходно тука). Но откако Атланта изгласала анти-алкохолен закон, тој почнал да произведува сок кој го добил своето име по двете клучни „медицинални“ состојки во него - листовите кока и кофеинот содржан во африкански јаткаст плод, кола. Кока-колата веднаш станала хит, а по смртта на Пембертон брендот продолжил да се развива под раководство на неговиот бизнис партнер, Аса Григс Кендлер.
Но по неколку децении јавните ставови во врска со кокаинот драматично се промениле. И ова не се должело на некакво згрозување од дрогата како таква, туку тоа што таа била прифатена од јужњачката црна работничка класа. До времето кога Кендлер ја презел контролата врз Кока-кола, црните работници во регионот на Њу Орлеанс почнале да користат кокаин за да ги издржат долгите денови на физичка работа. Така, кокаинот се проширил на плантажи и урбани области околу Југот.
Медицинската професија на ова реагирало дволично - не гледала ништо лошо во „лековитата“ Кока-кола кога таа била продавана на бели муштерии од средната класа поради нејзините афродизијачки квалитети. Но сосема поинаку реагирала кога црното население го користело кокаинот. Медицинските списанија предупредувале од „фантомот на црнечкиот кокаин“, а весниците тврделе дека оваа дрога ги тера црните мажи да извршуваат кривични дела, пред сè да силуваат, и тоа бели жени.
Кендлер се обидел да влијае врз јавното мислење со тоа што тврдел дека малото количество кока во Кока-колата била доволна само за поттикнување енергија. Но неговата стратегија станала потешко одржлива кога во 1899 компанијата ја зголемила продажбата на флашираниот пијалок на националниот пазар. Ова значело дека сега таа станала достапна вон слаткарниците кадешто се точела од чешмички („фонтани“) и неа можел да ја купи секој, вклучително и црните мажи.
Видел-не видел, во 1901 Кендлер побарал промена на формулата на Кока-кола, заменувајќи го кокаинот со многу поголеми дози шеќер и кофеин. И не само тоа, почнал да одрекува дека пијалокот воопшто некогаш содржел кокаин.