Еден од научно-популарните митови вели дека кравите даваат повеќе млеко ако секојдневно во шталите им се пушта класична музика. На вработените од Филхармонијата во Дортмунд не им било под чест во фракови и сосе инструменти да влезат сред лепешките и да ѝ засвират на оваа благородна публика, која за возврат почнала да им го дава „Концертното млеко" - обично млеко ама „збогатено" со вкус на музика.
Млекото е во комерцијална употреба, публиката почнува да доаѓа на концерти ако ништо друго за чаша млеко, а Филхармонијата веќе прави и профит. Следен логичен проект би им бил - свирење за пчели, за со млекото да им потече и мед.