Мистериозната тинејџерка - муза на Пабло Пикасо

Неколку пролетни месеци во 1954, меланхоличниот сликар бил маѓепсан од 19-годишна девојка по име Силвет. Од сите жени кои го обележале неговиот живот - а ги имало многу - таа е најенигматичната и најмалку разбраната.

Силвет Давид пролетта 1954 имала 19 години. Мајка ѝ била сликарка, а татко ѝ трговец со уметнички дела. Детството го минала на островот Ду Леван на јужниот брег на Франција, во тоа време познат по нудистичките плажи. Во текот на војната семејството се преселило во побезбедните источни делови на земјата. 

Во еден момент таа живеела во мал град наречен Волори на Азурниот брег со вереникот, Тоби Јелинек, каде истовремено престојувал и Пикасо. Сликарот подоцна се сеќавал на мистериозната девојка и на нејзиното шармантно русокосо репче, како секојдневно минувала покрај неговото студио. Почнал да ја црта врз основа на сеќавање, до моментот кога ја начекал пред врата со портрет со нејзиниот лик. „Тоа беше како покана“, се сеќавала таа подоцна. Влегла во неговото студио, а тој - шмекер, каков што бил - ѝ рекол: „Сакам да ја нацртам, вистинската Силвет!“.

Таа продолжила да доаѓа и да минува часови во атељето, позирајќи во неговата столица на нишање, додека тој ја сликал, вајал, скицирал. Речиси и да нема техника во која не ја претставил. Огромната скулптура на Пикасо на улицата Бликер во Њујорк (слика горе)? Тоа е Силвет. Таа навистина била млада, но веќе оформена жена, со енергија која инспирирала. 

Кога ги изложил своите 60 дела во Париз, одгласот бил неверојатен, и сите се прашувале која е неговата „Мона Лиза“. Дури и Брижит Бардо почнала да фаќа репче откако се разминала со Силвет на Фестивалот во Кан. Во биографијата таа напишала: „Бев да го посетам Пикасо, но тој веќе ја имаше насликано Силвет, па не ме сакаше мене“.  

Сепак, Силвет одрекувала дека имало нешто сексуално помеѓу неа и славниот сликар. Нејзините портрети критиката ги оценила како „емоционално празни“, а било забележано и тоа дека од неа нема актови - можеби како резултат на тоа што нејзиниот вереник се трудел да биде постојано во студиото. 

Денес, таа се вика Лидија Корбет и има 89 години. Го сменила името за да не биде постојано поврзувана со Пикасо. Уметница е и работи со керамика, наведувајќи го својот некогашен пријател како инспирација и визионер. За својата младост има напишано книга, „Јас бев Силвет“.

извор

26 јуни 2024 - 18:42