Холандски уметнички колектив ќе може да го објави експерименталниот еротски филм во кој контроверзниот француски писател Мишел Уелбек има секс со млади девојки, и покрај неговиот обид да го запре емитувањето. Ова е пресуда на амстердамски суд донесена неодамна, по што филмот „КIRAC 27“ (кратенка од Keeping It Real Art Critics, кои се негови продуценти) ќе смее да се прикажува, а истото важи и за неговиот трејлер кој беше качен на сајтот на колективот минатиот месец, но набргу потоа беше избришан.
Клипот го покажува 67-годишниот „анфан терибл“ на француската книжевност во пижами, како лежи на кревет до полугола девојка, пушејќи и смеејќи се. „Му кажав дека знам голем број девојки во Амстердам кои би спиеле со славниот автор од љубопитност“, вели глас на наратор.
Според судската пресуда, идејата за порно филмот кој требало да го „развесели“ Уелбек била на неговата сопруга, која му ја предложила на режисерот на KIRAC, Стефан Рутенбик, на вечера во Париз есента 2022. Тој и Уелбек потоа размениле мејлови во кои се дискутирале планови за снимање „уметничко дело, во кое разликата помеѓу фикцијата и реалноста би изгледала како игра со паранојата на твоите непријатели“.
Откако пристигнал во Амстердам за снимањето на 1 декември 2022, писателот потпишал согласност, за да се појави во филм „кој можеби, а можеби и нема да вклучува експлицитна содржина“. Единственото ограничување било дека тој нема да го прикаже Уелбек и неговите гениталии во истиот кадар.
Сепак, на 23 декември, три дена пред последното снимање, Уелбек го напуштил проектот. Во писмо објавено на неговиот сајт, писателот изјавил дека неговиот и концептот на холандскиот режисер биле радикално спротивни. Во својата жалба до холандскиот суд, тој тврдел дека во времето на потпишувањето на договорот се борел со тешка депресија и дека имал испиено неколку чаши вино. Судот сепак ја отфрлил жалбата бидејќи Уелбек немал соодветна докторска потврда за истото.
Премиерата на филмот требаше да се случи на 11 март но е одложена поради судските процеси. Холандската група за којашто станува збор е позната по кратки филмови прикачени на Јутјуб кои го исмеваат меѓународниот уметнички свет, често пати мешајќи фактички и фиктивни елементи кои тешко се разликуваат.