Текстов содржи 35% цинизам

Maшината што го анализира тонот на напишаното

Уште не ни се верува дека ќе може да ги дофати сите „помеѓу редови" нијанси и повеќекратни значења за кои некои од нас се способни, но IBM тврди дека една нивна програма би можела да ве спаси од тоа да бидете погрешно сфатени, или од тоа да промашите важен подтекст на она што вам ви го порачале.

Прво почнавме да стануваме јазички и ментално мрзливи кога посегнавме по готови шеми за честитање родендени, имендени и нови години. Сега не само нема да мораме да мислиме на текстот кој некој го составил за нас, туку ќе може да се релаксираме и во однос на подтекстот.

За сервисот Tone Analyzer се вели дека ги детектира и интерпретира емоционалните, социјалните и текстуалните „означувачи" лоцирани во текстот, а потоа сугерира реторички промени заради подобрување на тонот на пораката. Во емоционална смисла програмата бара знаци на веселост, лутина или негативност. Социјалната категорија лоцира отвореност, љубезност и совесност. Што се однесува до самиот текст, програмата анализира дали напишаното е аналитичко, убедливо или провизорно.

Проектот е во експериментална фаза, но веќе постои демо во кое може да вметнете свој текст (на англиски) и да видите како функционира. Согласно опишаните категории, програмата ви пресметува процентуална застапеност на зборовите согласно нивниот тон (на пример 2% лутина во опсегот на емоции, 65% отвореност во смисла на социјален тон) и ви дава можност за секој збор да одберете синоним кој би влијаел врз конечната слика (на пример место „разочарувачки" да одберете „незадоволителен" и така лутината во тонот да се намали). 

Сервисот, кој е замислен главно како бизнис алатка, е продолжение на работата на истражувачкиот тим собран околку системот за вештачка интелигенција Вотсон, најпознат по тоа што победи на квизот Џеопарди во 2011. Во моментов тие работат на зголемување на способноста на програмата да го разбере контекстот, бидејќи во спротивно погрешно ги толкува зборовите. На пример изразот „ми недостасуваш" сега го толкува како негативна емоција, иако вообичаено тој изразува љубов (освен ако не е иронично, како во „ми недостасуваш како ланскиот снег").

Дека човечкиот хумор, сарказам и двосмисленост во моментов се тежок предизвик за една обична машина, тоа е јасно. Но не е јасно колку масовното користење на ваквите алатки всушност би го сменила начинот на изразување, отапувајќи ни ги сетилата, и прилагодувајќи го нашиот дискурс на машината, а не обратно.

8 август 2015 - 09:51