„Има војни, глад, протести, убиства. Тука, ќе се обидеме да направиме нешто поинакво. Сите заедно може да дадеме безусловна љубов еден на друг. Тоа е единствениот начин да го промениме светот“.
Вака настапи на Гластонбери Марина Абрамовиќ, охрабрувајќи ги илјадниците посетители да ги затворат очите, да стават рака на рамото на оној до нив и да молчат 420 секунди.
Изненадувачки како за ваква инаку гласна публика, ова профункционирало. По ударот на гонг, 77-годишната уметница ги раширила рацете и открила фустан дизајниран во форма на симболот за мир, дизајниран од Рикардо Тиски, поранешниот креативен директор на Бурбери.
Седум минути се слушале само звуците од околните сцени, и по некој „пшшшт!“ од отворањето пивски конзерви.
Сепак, присутните велат дека генералниот ефект бил изненадувачки добар. По тишината следел настап на Пи-џеј Харви, а подоцна на ЛЦД Соундсистем и Дуа Липа. И на Абрамовиќ ѝ олеснало, бидејќи според неа седум минути се навистина многу за да се обезбеди тишина. Нешто слично правеше Бијонсе на нејзината Ренесансна турнеја, кога цели стадиони на кратко замолкнуваа - но само седум секунди.