Do not go gentle into that good night (во два препева на македонски тука), на Велшанецот Дилан Томас, е цитирана во различни контексти. Но поетот веројатно не можел да замисли дека еден ден ќе се најде во терористички манифест.
Насловот на непотпишаниот текст, чиј автор е најверојатно сега уапсениот убиец, е „Големата замена“, а од страна на Си-ен-ен е опишан како „лекториран манифест со обем на дисертација, придружен со соодветна библиографија на тема имиграција и муслимани“. Првата реченица во него е насловот на песната на Томас. Иако истиот се јавува и како стих кој се повторува во песната, а во неа често е наведувањето и на зборот „бес“, поетот не ја напишал повикувајќи на некаков вооружен отпор, туку му ја посветил на својот татко, кога овој бил на умирање, поттикнувајќи го да не се откаже од борбата за сопствениот живот.
Томас ја напишал песната во 1947, кога се соочувал и со куп други проблеми, меѓу кои несреќен брак, сиромаштија и тежок алкохолизам. Им бил инспирација на куп подоцнежни уметници, меѓу кои на Боб Цимерман, кој си го сменил презимето токму во негова чест. Неговиот лик се појавува во „хорчето“ од славни ликови на корицата на албумот „Сарџент Пепер“ на Битлси, а во современите дела најсвежиот пример беше цитирањето на спомнатата песна во филмот „Интерстелар“.
Меѓу ретките примери каде што насловот се користи во некаков насилен контекст е во филмот „Денот на независноста“ од 1996, каде фиктивниот американски претседател војувајќи против вонземјани кои сакаат да ја освојат земјата, изјавува: „Нема тивко да заминеме во ноќта“.
Но ете некој ја разбрал песната поинаку - десничарскиот екстремист кој својот убиствен поход го пренесуваше во живо и на фејсбук, го искористил во контекст на непомирување пред она што го нарекува „геноцид на белците“. И ова отвара интересни прашања, за „апропријацијата“ на одредени уметнички дела од страна на идеолошки движења, каузи, кампањи, партии. Во еден свет кој сака да се нарекува демократски, ваквото користење тешко може да се спречи дури и под закана на авторски права (под какви што е се уште и песната на Дилан). Трагично е само кога нешто толку убаво како што е оваа песна се користи за илустрација (или сигнал на некаква софистицираност) за еден толку гнасен чин.