(Не)спокојно во Новата!

Дилан Томас наместо честитка

2014 меѓу другото ја одбележаа два настани: 100 годишнината од раѓањето на велшкиот поет Дилан Томас и епскиот научно-фантастичен филм „Интерстелар". Нивната точка на средба е славната песна на Томас, Do not go gentle into that good night, која во филмот се цитира неколку пати.

Распрашувајќи се дали песната е преведена на македонски, сфативме дека не е, но истовремено поттикнавме наши пријатели да се фатат во костец со оваа, како што ни објаснија, специфична форма на виланела од 19 стиха, со сложен распоред на повторувања и рими. Двата препева кои ги добивме се прилично различни, па ви оставаме вам да процените кој од нив е подобар и/или поблизок до идејата на поетот (оригиналот тука).

И не е случајно што авторите на „Интерстелар" ги одбрале токму овие стихови да го илустрираат човечкиот гнев кон сопствената смртност, кој е мотив тој да се оттисне во потрага по други, похумани и поодржливи светови. Помислата на неодминливиот и брз „крај на денот" може да го парализира секој голем подвиг, правејќи да се чувствуваме мали, кревки и безначајни. Но оние кои го оставаат својот белег не се спокојните и меките, вели Томас, туку оние кои се жестат и кои не дозволуваат да заминат без врева.

За бучна Нова 2015 - не влегувајте премногу спокојно во неа.

НЕ ОДИ В ТОЈ БЛАГ НОЌЕН МРАК СО СПОКОЈ

Не оди в тој благ ноќен мрак со спокој,
Староста ќе гори и реве на крајот од денот;
Беснеј, беснеј против смртта на зракот свој.

Иако мудрите за крајот знаат – праведен е тој,
Оти со зборој ко молња не скорнале екот,
Не одат тие в тој благ ноќен мрак со спокој.

Добри луѓе, последен бран, расплакани, оти секое
кревко дело можело в зелен залив да им танцува леко,
Беснеј, беснеј против смртта на зракот свој.

Диви луѓе, што сонцето го грабнале и му пееле пој,
Ја научиле, предоцна, уката за крај на векот,
Не одат тие в тој благ ноќен мрак со спокој.

Смуртени луѓе, пред смрт, со воздишка гледа секој
Дека слепите очи ко метеори сјаат в радосен бликот,
Беснеј, беснеј против смртта на зракот свој.

А ти, татко мој, таму си, кај тажните висој,
Колнеж, благослов дај ми со солзите жешки плипот,
Не оди, те молам, в тој благ ноќен мрак со спокој,
Беснеј, беснеј против смртта на зракот свој.

(Превод: Зоран Анчевски)

НЕ БИДИ ЉУБЕЗЕН НА УМИРАЊЕ

Староста нека не си оди тивко во ваква добра ноќ,
нека разбеснува и пали до крајот на сета своја моќ,
против умирањето на светлоста нека рика и рита.

Мудрецот на залез знае дека праведен е овој мрак,
но молњата на животот тој не ја слови во својот фак
па во ваква добра ноќ и он е во клоцачката свита.

Питомиот човек сака со последниот бран на здивот
в сјај да танцуваат кревките дела на неговиот живот
и затоа против умирањето на светлоста тој се гневи.

Сонцето го славел жестокиот човек фатен во тесно,
но предоцна принаучил дека оно не се лаже лесно
па и тој во ваква добра ноќ маршира со силите леви.

Сериозен човек на умирачка со слепечки поглед зјае,
но и така мижав како фраерски метеор може да сјае,
и затоа и тој со клоци умирачката од немост ја плеви.

Та и ти, мил мој татко залегнат на овој жалосен срт,
колни и благословувај ме со твоите бесни солзи,
во оваа добра ноќ не биди љубезен со твојата смрт,
клоцај и рикај, на умирачка не треба да се ползи.

(превод: Љупчо Бочваров)

Исечоци од неколку филмови каде се појавува песната:

Песната во изведба на Ентони Хопкинс:

31 декември 2014 - 09:44