„Банда зелени папагали прават 'ршум низ европските градови“. Вака почнува текст објавен во новиот број на белградско „Време“ посветен на видот „мал александар“ (на англиски Rose-ringed parakeet, Psittacula krameri) папагал со впечатлива боја, долг 40 цм од клунот до раскошната опашка. Името му го должи на Александар Македонски бидејќи тој го донел овој вид во Европа од походите низ Индија. Ова „'ршум“ не е хипербола, туку реалност - во градот Бон во Германија некој избројал над три илјади примероци, а ги има многу и во Рим, Париз, Лондон, Амстердам.
Овие папагали ги населиле градовите така што бегале од зоолошките градини и од приватните кафези. Страотно бргу се размножуваат, а се испоставило дека можат да преживеат и тешки зими. Малиот александар е исклучителен летач, дневно минува по четириесет километри, а се чувствува посигурно во град затоа што тука поретко завлегуваат неговите главни непријатели, како сивиот сокол.
Но иако на слика долгоопашестата птица изгледа убаво, во Европа никој веќе не е воодушевен од нејзиното присуство - таа неподносливо креска и зад себе остава куп измет. Во Лондон своевремено била издадена дури и дозвола за одстрел, но орнитолозите се уште не можат да се договорат дали да го вбројат во штетници. Она што се очекува е за некоја година тој да стане инвазивен вид (што со оглед на освојувањата на Александар можеби и не е толку несоодветна симболика).
Инвазивноста подразбира дека папагалите се гнездат и положуваат јајца најчесто во шупливи дрвја, како и голем број други птици, но такви стебла во град има малку затоа што се сечат за да не паднат. Папагалот е доминантен во однос на домашните видови, па ги протерува. Во Шпанија и Италија наводно биле забележани случаи папагалот да вади лилјаци од шуплини и да ги убива.
Kaj нас папагалот до сега не е виден на слобода, но на македонската Википедија постои податок дека можел да се види во Зоолошката градина во Скопје. Интересно е дека „Аце“ одлично го имитира човечкиот говор. Негов роднина е Големиот александар, со кого често живеат на иста територија.