Првиот планетарен бришач за нозе, наменет за пречекување „дома“ (читај: на Земјата) на кој и да е добронамерен претставник на вонземските видови, е претставен на 68-мата меѓународна астронаутичка конференција во Аделаид, Австралија. Иако мал и прилично тенок, тој е поставен на влезот на конференциската сала, посакувајќи им добредојде на учесниците. Оние пријавените, и оние кои можеби ќе се појават ненадејно, во необични форми и испуштајќи чудни звуци.
Чергичето е уметнички проект на експерименталниот филозоф Џонатон Китс и вселенскиот археолог Алис Горман. Инспирирано е од таканаречениот парадокс на Ферми, едноставно но сериозно научно прашање за нашето место во универзумот: ако нашето моделирање покажува висока веројатност за постоењето на вознемски цивилизации, зошто тогаш не сме ги нашле до сега? Каде се сите?
(фино објаснето видео за парадоксот и општо за нашето место во вселената)
Одговорот (полу на шала, полу на вистина) на Китс на овој парадокс е - па може не сме ги поканиле вонземјаните како што треба. Од перспектива на аутсајдер човечкото однесување може да изгледа прилично непријателски настроено, па ако ставиш едно просто чергиче пред врата впечатокот може да се подобри.
Колор шемата на чергичето има шмек на 70-тите: црвена аморфна шара која ги претставува вонземјаните, сино за небото и лила за вештачкото внатрешно светло, во смисла на покана да се влезе внатре. Амбицијата на Китс е исто вакво чергиче да се постави на Меѓународната вселенска станица.