Цветан Враживирски спаѓа во „лудисти“, игриви зборомајтапџии за кои создавањето е цел самото по себе, кои не бараат оправдување или потврда за постигнатото вон текстот, туку својата битка ја водат со, и во него. Го пренесуваме предговорот кон неговото најново издание, „Смручи И Збор“, кое претставува пресек на неговото досегашно вражје лудо творештво.
***
„’Патафизика“ е „згуснат“ израз за грчкото τὰ ἐπὶ τὰ μεταφυσικά - она што е над (или вон) метафизиката, игрива варијација на насловот на Аристотеловото дело „Метафизика“, или на „она што доаѓа по физиката“. Апострофот пред терминот е намерен, а треба да сугерира, или да поттикнува, негови варијации и креативни искривоколчувања, како pâte à physique (паштета од физика) или pas ta physique (не твоја физика). Терминот во печатена форма прв пат е употребен во драмата на францускиот симболист Алфред Жари, „Гињол“ од 1893, иако потекнува од постари училишни мајтапења на темата со неговите соученици од лицејот во Рен. Тие во голема мерка влијаеле врз стилот на пишувањето на неговото најпознато дело, драмата „Кралот Иби“.
Една од карактеристиките на патафизиката е што таа му се измолкнува на секој обид за нејзино дефинирање - има над сто објаснувања за нејзината суштина, но ниту едно од нив не е „врежано во камен“. Може да се каже дека станува збор за гранка на филозофијата која истражува имагинарни феномени, и која нуди исти такви, имагинарни решенија. Дека се занимава со законите кои ги покриваат исклучоците, и го објаснува универзумот кој е паралелен на овој, нашиот. Дека оди контра тиранијата на вистината која ни ја има зголемено почитта кон лагата, и контра тиранијата на разумот, која ни ја има зголемено почитта кон сè што е лудо. Мотото на Колеж де Патафизик, основан во 1948 во Париз е Eadem mutata resurgo - „Воскреснувам ист, иако променет“, а негов постојан раководител е фиктивниот лик на Недопирливиот куратор доктор Фаустрол. Помеѓу имињата на реалните членови на движењето, пак, се наведуваат Рејмонд Кено, Ежен Јонеско, Хуан Миро, браќата Маркс, Маршел Дишан и Умберто Еко.
Иако Франција секогаш била центарот на патафизичката географска и когнитивна територија, нејзини следбеници и денес има во различни делови од светот - Латинска Америка, Канада, Шведска, Холандија, Германија. Во Лондон во 2000-та е отворен Патафизички институт, а ист таков од 2013 постои и во Вилнус, Литванија. Иако ваквите хронолошки одредници не важат според патафизичкиот календар, кој се состои од 13 месеци со по 29 дена, со имиња како „Апсолу“ (јануари), „Хаха“ (февруари) или „Фалус“ (август).
Каква врска има сето ова со македонскиот поет од Вражји Вир, чии дела се потпишани со повеќе имиња, прекари и псевдоними? Псевдо Цветан Стојановски, Цветан В. Враживирски, ЦИВЦГПВ...Во овој текст ќе се обидеме да аргументираме зошто тој би можел (иако не нужно и би морал, или би сакал) да биде вклучен во редот на славните светски патафизичари.
Лудизам наспроти прагматизам
Кога станува збор за истражувањето на природата на современите видео игри, постои долготрајно несогласување помеѓу наратолозите - кои веруваат дека на нив треба да се гледа како на приказни, и тие да се третираат како филмови или романи, и лудолозите - кои сметаат дека тие не се како спомнатите медиуми поради фактот што играчот има активна улога на ко-креатор, па оттаму, дури и да раскажуваат некаква приказна, таа се создава само низ интеракцијата на играчот и поставениот наративен костур. А-прагматичноста, или анти-прагматичноста на играта се состои токму во тоа што таа не тежнее кон одредена поента, ниту пак кон сопствено финале, туку кон тоа да се одржува постојано динамична, жива и бескрајна. Дури и кога на екранот ќе се појави game over, постои опција play again.
Ваквата поделба може да важи и во други области на креацијата, па оттаму и во поезијата. Прагматичните поети, иако ваквата одредница звучи како оксиморон, тежнеат кон соопштување на заокружени вистини, кои песна по песна, како цигли се вградуваат во стамениот и стабилен храм на Знаењето. Оттаму, нивните дела не се (само) песни, туку аксиоми, ставови кои нема потреба да се докажуваат, стихувани постулати. Поетот е самопрогласен авторитет и пророк кој да не се стилските фигури и римите би звучел како партиски портпарол.
За поетите-лудисти пак создавањето е цел самото по себе. Тие не бараат оправдување или потврда за постигнатото вон текстот, туку својата битка ја водат со, и во него. Нивната „игривост“ не само што не е знак на интелектуална инфериорност или на инфантилност, туку е индиректен пат кон познанието, кој наместо по прави и асфалтирани патишта води по козји патеки и суводолици, без мапи и патокази. На овој поход поетот поаѓа сосема сам, опремен само со своето животно искуство и интелектуалното наследство на своите претходници, не нужно колеги-поети.
Во оваа група „игриви“ песни спаѓа голем дел од опусот на поетот од Вражји вир. Но иако го следат врвниот принцип на творечка слобода, тие сепак се одликуваат со дисциплинирана форма, во смисла на рима и метрика. Наспроти колоквијалната употреба на терминот „игра“ како за синоним за забава и лефтерност, таа е всушност симулација на ред, онаков каков што ретко постои во реалноста, а чие нарушување во играта строго се казнува. Веројатно најдобар пример за ваквата само навидум невозможна бинарност помеѓу строгата форма и игривата содржина ова е песната „Бостан“ од збирката „Реге за регенерација“, која својот ефект го постигнува варирајќи само три слога:
Да бе да
Бе да бе
Бебе да
Дада бе
Што е повеќе од метафора?
Ако патафизиката е некој вид продолжена метафизика, тогаш патафората се обидува да создаде стилска фигура која е оддалечена од метафората исто онолку колку што метафората е оддалечена од нефигуративниот говор. Додека метафорите често се (зло)употребуваат како празни орнаменти на оригиналната идеја, патафората сака да опише нов и очуден свет, дваж одделен од реалноста.
Еве одличен пример за истото во песната „Цртан филм“ на поетот од Вражји вир:
Зарем
харем
не ми игра
по градиве.
Зар градиве
помладиве
не ги полнат
сè со билки.
Зар билките
носилките
не се мои
за вечноста
Боговите
се новите громобрани и громови
од книги и Томови.
А Џери се ѕвери.
Свечената интроспективна реторика која постепено се гради и одржува до претпоследниот стих, во него е распрсната на парчиња како со безбол палка, и тоа само со помош на еден единствен збор – „Томови“, хомоним на (книжевни) томови, со мало т. Тој служи не само како игра на зборови (прво ниво – Т/т), метафора (второ ниво - мачорот Том како можна метафора за архи-непријателот кој демне), туку комплетно нè сели во паралелен свет на забавните цртани филмови, кој нема никаква видлива врска со мисловниот тон на песната до моментот на пресврт. Патафоричниот и еуфоричниот Џери не само што се ѕвери, туку и фаќа сеир на нашата збунетост.
Течните свети билки
Жари уште од раната младост ги открил задоволствата на алкохолот, кого што го нарекувал „мојата света билка“, и на апсинтот, неговата „зелена божица“. Легендата вели дека некогаш си го обоил лицето зелено и така возел на велосипед низ градот (веројатно под влијание на „зеленото“). Кога бил регрутиран во војска, неговиот субверзивен јазик редовно ја нарушувал воената дисциплина, комбинирана со неговиот пресмешен изглед во униформа (бил висок само метар и 52, а немало толку мали униформи), биле причина што бил изземан од паради и маршеви, за на крај армијата да го отпушти поради „медицински причини“.
Поетот од Вражји вир приватно е познат како производител на гроздовица, комовица, вишновка, дренковица, мастика, сливка, анасонка, евловица, ракија од дудинка или препеченица. Навистина, не е виден со зелено, но поради долгата бела брада на патарините редовно го пропуштаат како свештено лице. Мистичноста на неговата појава е дополнително нагласена од неговиот физички изглед – спротивно од Жари, од високиот стас, како и честото лапидарно изразување низ цитати, чие значење можат да го доловат само оние „посветени“ во Играта и течните свети, повеќе од 20, билки. Разблажена или расцветанета, 51 постотна. Ракија, или лута лековита песна?
И вака
е јака
јако ака
ама ако
што се мора
мора
макар мокар
скоро сакат
згора ќорав
а пак азган
просто лизга
сама сака.
***
Според патафизичките принципи тука нема место за длабокомислен заклучок и завршен аргумент. Само за зрел јабучар, грутка трничко сирење и звук на чоканчиња што наздравуваат. За играта, за животот, и за она вон и над него.
На здравје!
Илина Јакимовска (предговор за книгата „Смручи И Збор“ на Цветан Враживирски)