Но ти уште од сега мораш да го опфатиш со мислите. Затоа што тоа е јазик на значења, а не дијалект на називи. Постојат култури на гестови, на дишење или на поглед. Постои време на времето и простирање на просторот. Постои убавина на убавината. Постојат вистини на вистината, стварност на стварното, волја на волјата и моќ на моќта. Постои движење на движењето, размислување на размислувањето...постои и љубов на љубовта, сине мој. Сè поретко се осудувам да изговарам зборови, затоа што тие секогаш значат нешто поинакво од она што ми е намерата. Сè подалеку се од говорот и тешко ги разгатнувам во шумовите на бескрајот.
Ткивото тетовира врз ткиво траги од наследство. Такво е моето молчење со тебе оваа ноќ. Ципа по ципа, лушпа по лушпа, слуз по слуз, замор меѓу нас, цивилизација на протозои, епоха на вируси, клетки на карпи и воздух, и штавена кожа на водата и вечноста. Тоа е како да се разбираме низ сите времиња, сега од овој миг во кој сме се нашле. Наместо на тебе им пишувам на Снежана и на Алиса. Им праќам телеграми на Пинокио и на Малиот принц. Барем еднаш дневно му се јавувам по телефон на галебот Џонатан Ливингстон и на Пепелашка. Но ни збор од нивна страна. Значи дека мислат на нас. Кој ги знае гласовите на мислите, ретко се огласува со гласот на говорот.
Луѓето се почитуваат со зборови, а се сакаат со молчење.
Mика Антиќ