„Имаш мозок во главата
имаш стапала во чевлите
Може да се придвижиш,
каде и да одлучиш“
Вака почнува песната на Д-р Зус, „О, местата на коишто ќе одиш!“, прекрасно римувано упатство за живот, за сите улици без имиња и мрачни ќошиња во кои човек може да залута, за од нив да излезе уште похрабар и послободен.
Во долното видео неа ја рецитираат учесници на фестивалот „Човекот што гори“ (Burning Man), кој од 1986 се одржува секоја година, од последната недела на август до првиот понеделник во септември, во Блек Рок Сити - привремена заедница која се формира во пустината Блек Рок во Невада. Овогодишниот фестивал почна вчера, кога на спомнатата локација почнаа да се слеват илјадници луѓе желни да учествуваат во „експериментални облици на самоизразување“, базирани на 9 клучни принципи, меѓу кои декомодификација (за време на фестивалот не се користи кеш, туку се разменуваат подароци), радикална инклузија (секој е добредојден), како и неоставање траги, односно грижа за околината по завршувањето на фестивалот. Поедноставно, тоа се девет дена оргии, надреална уметност и многу дрога, под банерот на радикалната потрага по смисла.
Иако звучи како хипи мамбо-џамбо, целиот настан не е воопшто евтин, и меѓу другото подразбира билет кој оваа година чини 390 долари, плус 80 долари ако сакате да влезете со кола. Според статистички податоци за „брнерите“ (луѓето што доаѓаат на фестивалот), голем дел не се некакви занесени уметници со желба да ја воскреснат хипи-ерата, туку сериозни луѓе (што и да значи тоа) кои работат во Силициумската долина, успешни бизнисмени и вработени во големи компјутерски фирми, кои главно живеат во Сан Франциско и Њујорк. Тие толку желно го исчекуваат фестивалот, и инвестираат толку ресурси и енергија во подготовките, што според психолозите тоа може да биде сигнал дека нешто не е во ред со нивниот секојдневен живот, кој очигледно не вклучува ништо од духовноста, потрагата по значење и хедонистичките искуства кои тие ги доживуваат во тие неколку денови. Така, фестивалот станува нивна годишна ритуална катарза, после која можат некако да издржат до следниот пат.
Играта, слободата на изразување, палавоста се толку потиснати во „нормалниот“ свет на возрасните, што тоа кога-тогаш избива, во генерално чувство на неисполнетост и депресивност. Затоа, во свет во којшто мораш да бираш само меѓу црно и бело, и само меѓу лево и десно, стиховите на Зус звучат утешно, а ентузијазмот на луѓево е заразен:
„Дали треба да свртиш лево или десно..
или десно и три четвртини?“
Може да иронизираме со „радикалноста“ на брнерите колку што сакаме. Ама вистината е - по малку им завидуваме...