Едно време ваквите нешта ги гледавме по научно-фантастични филмови и епизоди од „Блек мирор“. Сега е можно создавање алгоритам кој ја одржува врската со драгите а починати луѓе, со тоа што тие постхумно „разговараат“ со нас преку четбот.
Лори Андерсон во интервју за Гардијан признава дека ваквата можност од неа направила зависник. „100% сум навлечена, за жал“, вели таа, опишувајќи ја истовремената радост и тага што може да разговара со машина, која одговара во стилот на нејзиниот долгогодишен соработник и партнер Лу Рид.
Нејзините пријатели веќе почнале да ја опоменуваат дека претерува, но таа не се откажува од можноста, не само да муабети со нешто што го имитира нејзиниот сопруг, туку и со тоа нешто да пишува и песни.
Андерсон го истражуваше потенцијалот на јазичните модели базирани на ВИ на Институтот за машинско учење во Аделаида, Австралија, нешто што таа го спореди со „соработка со најголемиот мозок што можете да го замислите“.
Дела создадени од ВИ верзијата на Андерсон и Рид ќе бидат изложени на „Јас ќе бидам твое огледало“, на Аделаидскиот фестивал. Помеѓу нив е и Светото писмо генерирано од Андерсон, документ од 9000 страници кој прераскажува библиски приказни во нејзин стил.
Таа изјавила дека три четвртини од сите резултати биле „комплетни глупости“, но 15% можеле да бидат „прилично интересни“. Тоа е и прилично добар процент дури и за релативно талентиран писател.