М Ламар Кин (1936-1996) бил или крајно дрзок човек, или едноставно знаел да ја наплати туѓата наивност. Познатиот „медиум“ од Тампа, Флорида, во 1960-тите и 1970-тите, со помош на мешавина на харизма и бизнис инстинкт успеал да извлече куп пари од луѓе кои верувале дека може да зборува со мртвите. Неговиот метод бил стандарден за начинот на кој биле замислувани ваквите сеанси - паѓал во транс и пренесувал пораки помеѓу двата света.
Но еден ден, додека во таква состојба комуницирал со починат тинејџер по име Џек, мајката на момчето, Лона, за да се увери со кого зборува, го прашала како гласи нејзиното тајно име, кое за неа го користел само синот. Кин се нашол во небрано и изглумил главоболка. Додека се преправал дека се одмора во спалната, ѝ ги пребарал фиоките и нашол име напишано на семејната Библија. „Аплеонија“, гласел прекарот на мајката, по што успеал да се извлече.
Ваквите и слични ситуации можеби придонеле во 1976 година тој да ја напише книгата „Спиритуалистичка мафија“, која го потресла светот на „медиумите“, па дури довела и до обид за негово убиство. Изигран клиент пукал во него на тревникот пред куќата, но промашил. Во книгата, Кин опишал како медиумите меѓусебно споделувале информации за муштериите, за да можат да вршат „жешки читања“ базирани на проверени факти.
И тоа не е сè. Со оглед на тоа што имале пристап и до најинтимните катчиња на семејствата, тие краделе накит од нив, а потоа се преправале дека мртов член на семејството го вратил на своето место (што вообичаено резултирало со великодушен бакшиш). Всушност, она што го открил е дека медиумите формирале голема мрежа за лажно монетизирање на тагата на луѓето.
Секако, за ова требало да се биде и надарен, а и да се поработи. Харизмата играла голема улога, барем во случајот со Кин. Имал необичен начин на говорење кој бил многу театрален. Нема многу податоци за неговото детство и младост, а податоците кои ја сочинуваат неговата биографија се главно извлечени од 75 часа аудио снимки кои тој ги направил за своите соработници, односно ко-автори на спомнатата книга.
Празнините во приказната се обидува да ги пополни Вики Бејкер, новинарка со „нос“ за сочни скандали, во нејзиниот подкаст во продукција на Би-би-си, во шест продолженија. Oна што таа го открила е дека Кин, откако јавно истапил со признанијата за измамите, и по обидот за убиство, го променил својот идентитет и го посветил животот на добри дела. Луѓето кои го запознале во неговата зрела возраст никогаш не можеле да претпостават со што се занимавал претходно.
Иако денес делува како нешто од минатото, спиритуализмот се уште влијае врз однесувањата и верувањата на луѓето. Услугите на „медиумите“ во САД пораснале за 0,5% годишно помеѓу 2017 и 2022, а пазарот вреди 2,2 милијарди долари. Во време на колективно и масовно тагување, и голем број смртни случаи во текот на пандемијата, веројатно е разбирливо што спиритуализмот е во подем.