Дали нешто ви значи „Биофизичка карактеризација на трансмембрански петпиди користејќи флуросцентност"? Така и мислевме. Неразбирливоста на ваквите и слични наслови на докторски трудови, статии и книги од науката прават елитистичка забава која навидум нема никаква врска со реалниот живот. Списанието Science и Американското здружение за унапредување на науката решиле да сторат нешто во врска со ова. Веќе шеста година тие го организираат натпреварот Dance your Ph.D. (Танцувај ја твојата докторска), натпревар во кој истражувачите претставуваат научни резултати, но исклучиво користејќи ги нивните тела. Правилото имено вели дека иако истражувачот може да искористи и други играчи, тој мора и самиот да учествува.
Џон Боанон, биолог и соработник на Science, го основал натпреварот во 2008. Првата година тој се одржал во живо на Институтот за молекуларна патологија во Виена, Австрија. Двајца астрофизичари облечени како галаксии извеле танго, за да покажат како големите галаксии ги „голтаат" помалите. Еден студент по археологија, кој ja добил и наградата за таа година, само со парче платно околу половината, демонстрирал како ловците-собирачи во неолитот во Јужна Африка ја споделувале и ја подготвувале нивната храна. Организаторите биле охрабрени од бројот на пријавените и од мултидисциплинарноста, па го продолжиле проектот, овој пат во вид на видео натпревар. На ТЕД Брисел во 2011 Боанон - кого Science го нарекува „гонзо научник" - донел научници кои играле наместо да направи презентација во Пауер поинт. „Идејата е да се одбегне специјализираниот научен жаргон. Море да се баталат зборовите во целост, и да се искористат човечките тела за да се прикаже суштината на научните истражувања", вели тој.
Оваа есен пристигнале 31 видеа во четири категории: биологија, хемија, физика и општествени науки. Жири составено од уметници и научници изгласало шест победници - секој од нив добива по 500 долари и „бесмртна гиковска слава на интернет". Еве некои од нив. Уживајте!
Повеќе тука