Денес речиси 75% од американските домови имаат климатизер, но за апарат кој денес е неопходност дури и за земји како Шведска или Финска (каде додуша го пуштаат на многу пониски температури отколку ние), еден од првите модели на клима уред всушност немал за цел да ги олади луѓето туку да помогне да не се расипе еден конкретен производ.
Според книга со наслов „Кул: како климатизерот променил сè“ на Славаторе Бејзил, почетоците на оваа машина е поврзана со печатарската индустрија. Имено, на преминот кон 20 век, влажноста била закана за репутацијата на издавачот од Бруклин, Сакет-Вилхелмс, кој се истакнувал со колор печат од висок квалитет. Откако во тек на две лета екстремната жештина го нарушила бизнисот и предизвикала набабрување на хартијата и заматени отпечатоци, издавачот се свртел кон индустријата на ладење која тогаш била во зародиш.
Вилс Кериер, 25-годишен експериментален инженер, создал примитивен систем на ладење кој ја намалувал влажноста околу печатарските преси. За оваа цел искористил индустриски вентилатор кој дувал врз кутии со калеми полни со студена вода - вишокот влажност кондензирал на калемите и произведувал студен воздух.
Ова не само што го решил акутниот проблем со хартијата, туку правел и вработените да се чувствуваат подобро. Така на Кериер му светнала сијаличката. До 1922 тој создал побезбеден, помал и помоќен компресор за ладење, претходник на модерниот клима уред. Во музејот на американската историја Смитсонијан се чува еден од првите вакви компресори, во спомен на достигнувањето на неговиот изумител.
Експертите предупредуваат дека со тоа што му се оддава признание на Кериер како на татко на модерната технологија на ладење се маргинализираат напорите кои со децении ги вложувале други изумители. Така, многу пред неговото раѓање, професорот од Универзитетот во Глазгов, Вилијам Кулен, вршел испарување на течности во вакуум, со што ја креирал технологијата која подоцна се применувала кај фрижидерите во 1748!
Повеќе од 100 години подоцна, Џон Гори, доктор од Флорида, користел мала парна машина за ладење на воздухот за неговите пациенти кои страдале од тропски болести да можат побргу да се излечат, која ја нарекол „машина за мраз“. Таа делувала како корисна алатка во текот на индустриската револуција, но напорите на Гори да го популаризира овој изум и да направи пари од него пропаднале. Северните производители на мраз, кои профитирале од трговија со него, лобирале против него и од јавната скепса за вештачки оладениот воздух произведен од машината. Системот бил толку револуционерен што Гори умрел без скршен динар. Едноставно не можел да убеди никого дека тој функционира. Да нè види денес стуткани под климите, сигурно би му измамило замрзната насмевка.