Куакубе: зборови од цел свет кои влегоа во употреба во 2023-та

При крајот на годината вообичаено се анализираат изрази и зборови кои биле популарни во „лингва-та франка“ на нашето време, англискиот. Но покрај нив луѓето од цел свет низ своите јазици ги изразуваа своите чувства, желби и стравови, понекогаш измислувајќи зборови кои до тогаш не постоеле, или вадејќи од јазичен „нафталин“ такви кои се подзаборавени. 

Quoicoubeh! или „кој знае“ (Франција)

Овој збор стана супер-популарен помеѓу француските тинејџери оваа година. Тие го користеа за да ги нервираат возрасните, иако самиот нема посебно значење. Детето намерно кажува нешто неразбирливо или тивко, родителот (или наставникот) прашува „Куа“ (што?), а одговорот е “Куакубе!“. 

Потеклото е мистериозно, но Радио Франс сугерираше дека е инспирирано од игра на зборови од Брегот на слоновата коска, каде понекогаш се одговара со „куаку“ на човек кој прашува „куа?“ (можеби како педагошка мерка, дека се вели „молам?“ а не „што?“). Во секој случај, зборот отворен за толкувања изгледа како добар начин да се влезе во 2024-та.

„Иунинги“ (Јужна Африка, зулу)

Овој збор се здоби со популарност помеѓу Јужноафриканците како израз на фрустрација поради бројни контроверзи кои изминатата година им се случуваа истовремено (нешто ни личи на нашата ситуација). „Кунинги“ значи „што е многу-многу е“, а се однесува на рекордните прекини на струја, скандалите во кои властите беа напаѓани поради нивната врска со Русија, како и бројните криминални инциденти, вклучително и бегство од затвор на осуден убиец кој ја лажирал сопствената смрт. Што е многу, многу е.

„Дете-пасворд“ (Password child, Австралија)

Речникот Мекквајр во Австралија избира збор на месецот во текот на цела година. Еден од нив беше „cozzie livs", сленг за „животни трошоци“. Друг беше password child, за дете кое изгледа како да е повеќе сакано од родителите во однос на браќата и сестрите, затоа што неговото име се користи за нивни лозинки.

„Неверувачи“ (глобално)

Во голем број земји има драматичен пораст на оние кои не се поврзани со која било организирана религија. Тие станаа познати како nones - атеисти, агностици или едноставно некој кој не верува - и тие сочинуваат повеќе од 30% од возрасното население во Северна Америка. Ги има и во бројни европски земји, како и во Јапонија, Израел и Уругвај. 

„Шпионски балон“ (САД)

Термин кој ја дефинираше растечката недоверба помеѓу големите светски економии, особено меѓу САД и Кина. Американците забележуваа мистериозни бели летала на небото. Некои наводно виделе воени авиони како исфрлаат балони кои со денови лебделе над САД. Кина ги има отфрлено обвинувањата за шпионажа и инсистира дека балоните биле за чисто цивилни цели. 

Уште зборови тука

20 декември 2023 - 09:19