Прашајте кого сакате, ако воопшто знаат име на славна жена од областа на природните науки, тоа ќе биде Марија Кири. Таа e меѓу ретките научнички присутни во поп-културата, во филм од 1943 по сценарио во кое учествувал дури и Олдос Хаксли, две графички новели и нов филм од 2019 под наслов „Радиоактивна“, во кој Кири ја игра Розамунд Пајк.
Но има една друга Марија, Гоперт Мајер, која е втора добитничка на Нобеловата за физика после Кири, и истовремено претпоследната жена која го добила високото признание во оваа област, во далечната 1963 (последна е Дона Стрикланд која ја подели наградата со двајца колеги во 2018).
Физичарот Волфганг Паули ја нарекол „Кромидестата Мадона“, откако таа открила дека јадрото на атомот има внатрешна „лушпеста“ структура, како кромид. Била родена во германскиот град Катовиц, денес Катовице во Полска, во семејство во кое била дел од седма генерација универзитетски професори. Ментор во текот на студирањето ѝ бил славниот Макс Борн, кој и самиот е добитник на Нобел. По дипломирањето на Универзитетот во Гетинген се преселила во САД со сопругот, хемичарот Џозеф Мајер. Вршела истражување на два универзитета - Џонс Хопкинс и Колумбија, но во ниту една од овие институции не била вработена, ниту платена, бидејќи - „ниеден универзитет не помислувал да вработи сопруга на професор“. Писмото од 1941 во кое таа е информирана дека е избрана за член на Друштвото на физичарите на САД започнува со „Почитуван господине“.
Во текот на Втората светска војна таа работела на одделување ураниумски изотопи за проектот Менхетен. Во меѓувреме истражувала на темата која ќе ѝ го донесе признанието. Иако научниците во нејзино време знаеле дека електроните кружат околу јадрото во сферични обвивки, Мајер открила дека и самото јадро е слоевито, а не „каша“ од протони и неутрони како што се мислело до тогаш.
Уште еден физичар кого Мајер не го познавала лично, Ханс Јенсен, независно дошол до слични заклучоци. Двајцата се спријателиле и заеднички објавиле книга во 1955, под наслов „Елементарна теорија на слоевитата структура на јадрото“. Осум години подоцна ја поделиле Нобеловата награда, а Мајер го нарекувала Јенсен „Мојот Нобелов слоевит брат“.
Во моментите после прогласувањето на наградата медиумите и институциите конечно покажале интерес, и таа добива позиција на редовен професор на Универзитетот Калифорнија во Сан Диего. Според кажувањата на нејзините колеги, имала посебна страст кон одгледување орхидеи, а со сопругот знаеле често да патуваат низ светот. Иако имала доживеано мозочен удар непосредно пред стапувањето на новото професорско место, таа успевала да се носи со последиците и била посветена на физиката до крајот на својот живот.