Она „не суди за книгата според корицата“ можеби е стара кинеска, но оние неколку реченици на задните корици од книгите напишани со свечен, пофален тон и потпишани од што е можно попознати колеги на авторот/ката всушност играат на спротивната карта.
И ова во издавачката индустрија се смета за нешто што е веќе толку вообичаено што нема назад. Дебитантите се борат да соберат што повеќе вакви „хаику“ осврти. Познатите писатели се постојано притиснати да исполнуваат барања од пријатели - колеги кои се кај истиот издавач или кога им се обраќа за поддршка млад автор. „Блурб“-овите трошат време, зборовите во нив одамна се излитени, а вербата на читателите во претераните фалби гасне.
Иако ова е јасно, до сега никој не се осмели да му противречи. Но неодамна, Шин Манинг, извршен уредник во Сајмон и Шустер, една од најголемите издавачки куќи во светот, излезе со текст во Паблишерс Викли што го пренесе Њујорк Тајмс, во којшто изјави дека Сајмон и Шустер веќе нема да ставаат рекламни текстови на задните корици од нивните изданија. И не само што го потврди погоре кажаното туку отиде и чекор понатаму.
„Трговијата со вакви услуги создава инцестуозен и немеритократски книжевен екосистем кој често пати наградува врски а не талент“, вели тој.
Упс! Вестите се проширија низ еснафот како најсочен трач и предизвика лавина реакции. Манинг добил десетици пораки на поддршка од агенти, автори и издавачи. Сепак, не сите засегнати во приказната се согласуваат со него. На пример авторите многу добро знаат колку е тешко да молат попознат колега за ваква услуга, но од друга страна, доколку некој од нив навистина ја прочита книгата и биде искрен, тогаш тој станува „дел од семејството“, „кум-самовила“. Ама па колку често се случува ова?
Ако ништо друго претерувањето со фалбите во ваквите белешки донесе нови придавки во англискиот, како unputdownable (невозможно да се остави непрочитана). Дали и други издавачи ќе следат после Сајмон и Шустер останува да се види.