Дали во тек на забраните за движење и воопшто во карантинов ви се случило нешто од наведеново?
Детето има „проект“ од ликовно - правење скулптура од жица, па супер ви се наоѓаат тие неколку жички кои ви правеа гужва во фиока и се мислевте дали да ги фрлите.
Осумдесет посто од облеката и бижутеријата не ги носите, но затоа пак ви се наоѓаат стари тренерки за кои се мислевте дали да ги фрлите, а се идеални за копање во двор (на кое конечно може да му се посветите).
Почнувате и почесто да готвите, па добро би ви дошле едни модли за колачи што некаде ги дадовте (почитувајќи го принципот на минимализмот).
И да не набројуваме, сфаќате.
Економските кризи и наглите промени на начинот на живот предизвикуваат сеизмички промени во односот на луѓето кон материјалниот свет. Моменталната комбинација на пандемија со страв од осиромашување (кај некои веќе не само страв, туку и реалност) прави на предметите да гледаме со други очи. Претходно, во освртот кон книгата „Дом со нула отпад“ на Беа Џонсон ги наведовме основните принципи според кои човек може да се раководи во обидот да зачисти околу и индиректно во себе. На пример, дали нештото (предметот) може да се употребува или е застарено? Дали редовно го користам? Дали имам две такви? Дали го загрозува здравјето на моето семејство? Дали го чувам поради чувство на вина? Дали го чувам бидејќи „сите имаат такво“? Вреди ли времето кое го поминувам чистејќи го? Може ли да се реупотреби?
Иако сите овие и денес звучат разумно, во ситуација на крајна неизвесност што носи следниот ден, на некои од нив тешко може да се одговори. Ако владее општ карантин, нема пристап до продавници, пазари и размени, како да знаеме дали нештото што го проценуваме нема да може да се реупотреби (па макар било и застарено). Можеби долгорочно ќе снема струја, па транзисторче на батерии или плинско решо ќе стане скапоцен имот (да, апокалиптични сме). Можеби имаме книги кои никогаш не сме мислеле дека ќе ги читаме, ама сега библиотеките не работат, па се вртиме кон нив, и на наше изненадување излегува дека се добри.
Нагонот за трупање (во смисла на складирање) ги спасува животните од глад тогаш кога нема храна во природата. Нешто од таквиот нагон има останато и кај човекот, само што тој често не прави разлика помеѓу корисни и бескорисни нешта, па во екстрем може да забега во „хординг“. Во психијатриска смисла, се уште не е јасно што го предизвикува ова нарушување. Сепак, јасно е дека стресот и генералната несигурност придонесуваат за ваквите појави. Точно тоа што го прави и пандемијата, која можеби ќе го смени видот на „минимализам“ кој понатаму ќе се промовира. Тој ќе биде малку по-не-минимален, а негова мисла-водилка ќе биде стравот дека голем дел од нешатата можеби нема да бидат лесно достапни, или воопшто ќе ги нема. Што значи дека она што се има ќе треба да се чува.