Министерот за култура на Данска, Бертел Хаардер, уште пред отварањето на изложбата на крајот од мај неа ја оцени како „лудост", а полицијата почна да добива пријави од граѓани дека музејот преку неа всушност го поддржува тероризмот.
Музејот е сместен во поранешна кланица зад централната железничка станица во Копенхаген, и е истовремено седиште на театарска група, чиј уметнички директор предизвика бранувања со тоа што во 2012 постави драма базирана на манифестот на Брејвик. Поставката содржи портрети и реконструирани артефакти поврзани со поединци кои оставиле белег во светската историја со својата посветеност на одредена идеја, за која многумина од нив го дале и животот. Сократовата чаша со отров, подиумот од кој зборувал Мартин Лутер Кинг, се само некои од предметите. Два пати дневно има тура за посетители, која ја води актерот Мортен Хее Андерсен.
Во еден дел од музејот, посетителите се затвораат во тесна просторија, додека водичот ја раскажува приказната за Максимилијан Колбе, францискански монах кој го зазел местото на друг човек кој бил осуден да умре од глад во ќелија во Аушвиц. Чекор понатаму тој седнува „лотос" поза, асоцирајќи на Тич Кванг Дук, кој умрел протестирајќи против суровиот третман на будистите во Виетнам во 1960-тите.
Последниот дел е всушност најконтроверзниот - просторија во која се поместени артефакти кои асоцираат на големите терористички напади од последниве децении - истопена тастатура од Граунд Зеро, згмечена шоља кафе од бриселскиот аеродром, профил на човек кој убил десетина луѓе во терористичките напади во Париз, а кој себеси се сметал за маченик, како и фотографии на браќата Брахим и Халид Ел Бакрауи, изведувачи на терористичките напади во Брисел од март оваа година.
Критичарите ова го нарекуваат провокација заради комерцијален профит, но има и такви кои сметаат дека ова е начин да се истражат различните дефиниции на зборот „мачеништво", при што не се поттикнува сочувство или милосрдие кон терористите. Сепак повеќето коментари се сведуваат на следниов, на портпаролот за култура на десничарската Данска народна партија, Алекс Ахрендстен:
„Ова може да е глупава, многу површна изложба. Но тие имаат право да ја направат. Ако не ми се допаѓа, не морам да одам".