Компјутер во секоја кујна во...1969-та

Едно од прашањата со кои се занимавале компјутерските инженери од крајот на 60-тите било како да се направат компјутери за различни области од животот - бизнисот, индустријата, но и за домот. Еден пример за последново се води како неуспешен. Ама можеби тоа и не било баш така.

Во 1960-тите компјутер по дома биле егзотична идеја. Најпрвин, со оглед на големината на тие чудовишта, каде би можеле да стојат? „Мини“ компјутерите воошто не биле „мини“, туку големи кутии за кои немало многу смисла да зафаќаат место освен ако не биле навистина корисни. 

Но во 1968 една верзија на ваков компјутер под име НОВА на Дејта Џенерал се продавал со постоље за на работна маса. А компанијата Ханивел следела со три различни верзии на својот успешен модел Н316. Дизајнот бил на Дон Келеман, кој добил задача да додаде „вау!“ фактор на постоечкиот модел. Точно тоа и го сторил, поставувајќи ги компонентите во школка од фиберглас, нешто што се случило по прв пат во компјутерската историја. 

Футуристички, во црвена, бела и црна боја, моделот Н316 изгледал како излезен од „Ѕвездени стази“, а можеби и од „2001: Одисеја во вселената“, со оглед на тоа што Ханивел соработувал со режисерот Стенли Кјубрик. Моделот е презентиран во божикниот каталог на луксузниот трговски синџир Ниман Маркус од 1969, како „Кујнски компјутер“, наводно особено корисен во избор на рецепти. 

„Само да можеше и таа да готви како што може да фунционира Ханивел“, вели текстот на рекламата. А цената? „Само“ 10.600 долари, што е многу повеќе отколку просечниот годишен приход на Американците во тој момент (8500 долари) но помалку од просечното чинење на нова куќа (15.500 долари). 

Патем, апаратурата тежела цели 52 килограми, што значи дека поместувањето полево-подесно барало значајни логистички дејства. 

Целата врева околу овој производ била малку предизвикана за да се поттикне реална продажба (биле направени и продадени околу 20-тина), но со оглед на високата цена и како забава. Дизајнот на компјутерот сепак извршил значајно влијание врз оние кои следеле. Но тој поттикнал и размислувања за тоа што навистина би можел да прави компјтутер во домот, освен да исфрла рецепти, како џубокс. „Да ги подучува децата, да помага во бизниси кои се базирани во домот, да содржи игри, да го води домашниот буџет, да служи како календар“ - сето ова биле идеи кои кружеле во тоа време, а денес се реалност. 

извор

9 февруари 2024 - 11:54