Собата за пишување на секој автор е негов храм - засолниште од домашните обврски, од мрчаторски настроени партнери, можеби деца и домашни миленици. А секако од несакани посетители.
Токму на овој начин ја користел својата колиба во Хертфордшир, Англија, ирскиот драмски писател Џорџ Бернард Шо. Таа имала само шест метри квадратни, а била инспирирана од сличен дизајн во сопственост на неговиот сосед Епсли Чери-Гарард, природонаучник кој бил дел од експедиција на Антарктикот. Колибата била изградена на ротирачка основа, така за со малку напор да може да се врти кон сонцето, но и оној кој е внатре да може да има различен поглед кон надвор.
Прилично технолошки опремена за своето време, освен машина за куцање, колибата имала и електрична греалка и телефонска врска со главната куќа, како и аларм за да му сигнализира на писателот дека е време за ручек. Местото на шега го нарекувал „Лондон“, за неговите вработени да можат на несаканите посетители да им велат - „Господин Шо не е дома, во Лондон е“.
Сепак, на Шо местото не му требало само за мир и тишина. Тој бил дел од движење кое го промовирало селскиот живот и особено моќта на сончевата светлина. Прозорците кои ги инсталирал биле направени од Витаглас, тогаш тазе пронајдок кој овозможувал УВ зраците да пробиваат низ стаклото и со тоа да внесуваат „здравје во објектот“. Ова е во време кога имало голем број случаи на туберкулоза, за која се верувало дека се лечи меѓу другото со престој на сончеви места.
Шо често им ја покажувал колибата на неговите славни пријатели. Пролетта 1944 кога актерката Вивијан Ли снимала филмска верзија на неговата драма „Цезар и Клеопатра“, таа и режисерот Габриел Паскал отишле да го посетат авторот и биле однесени во колибата, каде студискиот фотограф направил промотивни фотографии.
Пепелта на Шо и неговата сопруга по нивна желба биле расфрлани по истиот тој двор, а сега имотот е во државна сопственост и може да се посети како музеј.
Во долното видео начинот на кој се вртела колибата: