Судбината на Патриша Хајсмит (1921-1995) е слична на онаа на голем број автори чии дела послужиле како основа за сценарија на славни филмови, а за кои сепак малку се знае. Нејзиниот прв роман, „Туѓинци во воз" го има искористено Хичкок за истоимениот филм од 1951, а серијата од пет книги во коишто главен лик е Том Рипли е основа за сценариото на „Талентираниот г-дин Рипли" со Мет Дејмон во главната улога. Сега таа е повторно актуелна, со филмуваната верзија на „Цената на солта", нејзин роман од 1952, подоцна реиздаден под насловот „Керол".
Хајсмит првото издание го објавила под псевдонимот Клер Морган, а заради содржината на книгата којашто зборува за врска помеѓу постара и мажена жена по име Керол и помладата и неискусна Терез. Сопругот на Керол, исто како и во филмот, сомневајќи се дека жена му има врска со друга жена, најмува приватен агент да ги следи и снима, а потоа доказите ги користи против неа на суд за да ѝ го одземе детето.
И покрај сите перипетии, низ кои провејува критика на американското општество од 1950-тите и неговите ставови кон хомосексуалноста која е основа за нечие гонење по основа на „морал", романот има среќна завршница. Тоа било исклучок во тогашната додуше ретка лезбејска љубовна литература којашто главно имала трагични завршници. Оттаму книгата на Хајсмит станала бестселер, и со оглед на цената од само 25 центи (испечатена како евтино љубовно романче) се продала во повеќе од милион примероци.
Самата Хајсмит имала врски главно со жени, никогаш не се омажила ниту пак имала деца. Нејзината прва подолга врска завршила така што нејзината партнерка се самоубила пиејќи киселина. Се обидела да живее и со маж и, исто како и Керол во филмот, одела на психијатар надевајќи се дека тоа ќе ѝ помогне да стане „стрејт". Различни нејзини познаници ја опишуваат и како груба и сурова и како прекрасно забавна. Еден од нив вели: „Никогаш не можев да сфатам како некое човечко суштество може да биде толку грдо".
Но во областа на уметноста таа оставила дела кои се споредуваат со егзистенцијализмот на Кафка или Ками. Анти-американски настроена, таа до крајот на животот престојувала во Европа, каде и починала. Цел живот водела дневник, и оставила 8000 ракописно пишувани страници од тетратки. Интересно е што жена којашто се соочувала со проблеми заради сопствениот идентитет, самата била прилично нетолерантна кон различните, особено кон црното население и Евреите. Додека живеела во Швајцарија во 1980-тите искористила над 40 псевдоними за да испрати писма со антисемитска содржина на различни владини тела и весници. Сепак, некои од нејзините најдобри пријатели, како Артур Кестлер или Сол Белоу биле Евреи.
Филмската адаптација на „Керол" е неправедно оценета од одреден број критичари како „студен", заборавајќи дека таа атмосфера е само резултат на потиснатите чувства на ликовите. Оттаму еротичноста на нивниот однос е многу повеќе во говорот на нивните (облечени) тела, во погледите и во гестовите, отколку во она што се случува (а - спојлер - се случува) во креветот. Кога тие ликови се играни од Кејт Бланшет и Руни Мара, филмот не може никако да биде студен.