Питагора веројатно го знаете заради неговата a² + b² = c² теорема, и по тоа што бил првиот кој тврдел дека земјата е округла. Но освен со математиката и астрономијата неговото име е поврзано со бројни легенди. Бил висок и згоден, „како Бог", имал наводни магиски моќи, меѓу кои и одењето по вода, а се ширеле и гласини дека бил всушност син на Аполон и внук на самиот Ѕевс. Се истакнувал и по начинот на којшто се облекувал - во бели туники и пантолани, во време (шести век пне) кога ниту еден Грк не се облекувал во пантолани.
Но ништо од сето ова не било причина за тоа да биде прогласен за отпадник и да биде предмет на потсмев на бројни комедиографи. Главно било што тој - не јадел месо.
Според новата книга „Навлечени на месо: историјата и науката на нашите 2,5 милиони години опседнатост со месо" на Марта Зараска, пред да се нарекуваат „вегетаријанци", термин кој влегол во употреба во 19 век, оние кои заради личен избор престанувале да јадат месо се викале „Питагорејци". Тие верувале во нешто слично на реинкарнација - дека душите се селат од тело во тело, и дека ако во еден живот си се родил како човек, во следниот би можел да се отелотвориш како прасе и да завршиш на нечија трпеза. Според една приказна, Питагора еднаш престанал да тепа некое куче затоа што бил убеден дека во криците на животното препознал глас на драг пријател.
Како тогаш, знаејќи дека во мекото бифтече може да почива душата на вашата драга прабаба, би можеле воопшто да помислите да јадете месо? За да се одбегне ваков ризик, Питагора и неговите ученици јаделе само мед, мед и зеленчуци. И сето ова не затоа што ги жалеле животните, туку затоа што на тој начин сметале дека се заштитуваат себеси и човечкиот род воопшто.
Питагора всушност бил најверојатно под влијание на свештениците на древен Египет, каде доброволното одбивање месо било познато со илјадници години. Можеби до него стигнале и идеите на Буда и на хиндуизмот. Но додека во Азија ваквите верувања биле широко прифатени, Питагора во сопствената култура долго време бил исмеван.
Месото играло огромна улога на јавните прослави и во обредите кои го зацврстувале заедништвото на древните Грци - да се отфрла месо оттаму било толкувано како отфрлање на целата култура на полис-от. Истовремено, мускули како на Херкул и атлетски перформанси како на олимписките атлети не биле можни ако човек не бил месојад. Грците верувале и во некои магиски својства на месото - она од славеј бил користен за несоница, а јадењето диви животни давало сила. Најбазично, вегетаријанството во овој дел на светот веројатно не се развило и затоа што за разлика од Индија, каде зеленчуците се дразба за сетилата комбинирани со најразлични зачини, Грците и другите медитеранци не наоѓале еднаков предизвик во незачинетиот целер и посната брокула.
И покрај учењето на Питагора, месото продолжило да доминира на грчкото мени во текот на цела ангика, а вегетаријанството останало елитистичка филозофија, карактеристична за „отпорашите" и радикалите.