Кога Вилијам Бероуз ги проучувал Маите

Пред да ги напише своите најпознати романи и да стане еден од најконтроверзните гласови на бит-генерацијата, Вилијам С. Бероуз имал уште една опсесија - древната цивилизација на Маите. Според нови истражувања, писателот драстично ја преобликувал нивната култура за сопствени книжевни цели, но неговите приказни сепак биле вкоренети во академските сфаќања за оваа цивилизација што биле актуелни во времето кога студирал во Мексико. 

Бероуз рано покажал интерес кон археологијата и антропологијата, а особено кон хиероглифското писмо. Во 1950 година се запишал на Мексико Сити Колеџ, каде студирал антропологија на класичните цивилизации на Маите и Ацтеките - две култури кои во подоцнежните дела често ги мешал или намерно ги спојувал во едно, без строго да прави разлика меѓу нив. Не е јасно колку навистина учел Бероуз во тие 18 месеци поминати на колеџот. Во истиот период тој паралелно му се препуштал на хероинот, ја напишал првата верзија на својот роман „Џанки“, започнал потрага по ајахуаска-та, а исто така во еден трагичен настан ја застрелал и убил сопругата Џоан Волмер - случка што тој подоцна ја опишувал или како несреќа или како неуспешен забавен трик со пиштол.

Во 1950 година, академското проучување на културата на Маите било речиси целосно засновано на записите на монахот Диего де Ланда од 16 век, кој уништил огромно мнозинство од кодексите на Маите достапни на Европјаните, а потоа сам ги запишал сопствените набљудувања за нивната писменост. Врз основа токму на тие записи на Ланда, мајанистите од 1930-тите и 1940-тите години ја обликувале сликата за класичните Маи како цивилизација без војни, но живеејќи под контрола на свештеници-астрономи кои со помош на нивните комплексни календари ги владееле обичните луѓе.

Оваа слика директно се пренела во делото на Бероуз. Во неговиот роман „Меката машина“ од 1961 година, свештениците на Маите користат таканаречена „машина за контрола“ преку која телепатски ги поробуваат обичните луѓе - сè додека патник низ времето не ја уништи машината, предизвикувајќи бунт.

Донекаде парадоксално за некој чија професија е самото пишување, Бероуз остро се спротивставувал на она што го нарекувал „вирус на зборот“, гледајќи го јазикот како алатка за контрола на умот. Токму затоа бил фасциниран од хиероглифското писмо на Маите, за кое тврдел дека може да пренесува идеи поинепосредно, без потреба од зборови. Ова се надоврзувало на широко распространетото научно уверување од тоа време дека хиероглифите на Маите не биле поврзани со говорниот јазик, туку функционирале како посамостоен, поапстрактен систем на симболи.

Сепак, голем дел од сфаќањата за животот на Маите достапни на Бероуз во 1950-тите биле целосно преиначени во следната деценија, откако епиграфите открил дека писмото на Маите всушност делумно било фонолошко и можело директно да се преведе во говор. Овој пробив во преводот, заедно со новите археолошки откритија, довел до сосема нови сознанија. На пример, слики од класичниот период кои претходно се толкувале како прикази на свештеничката класа, всушност прикажувале владетели и воини - а се покажало дека Маите воделе бројни војни, спротивно на претходната претстава за мирољубива цивилизација.  На крајот на краиштата, имајќи ја предвид лабавата врска меѓу вистинската наука и начинот на кој Бероуз ја користел, сето ова можеби е несуштинско за секој читател кој едноставно ужива во неговите романи заради нивната сурова, халуцинантна книжевна сила.

21 јули 2026 - 20:47