Тони Висконти има продуцирано 11 студио албуми на Боуви, а во радио интервју за Би-би-си 4 кое ќе биде емитувано на 10 јануари, на петгодишнината од смртта на Боуви, раскажува како изгледала средбата помеѓу него и Ленон во њујоршка хотелска соба.
Боуви бил преплашен од Ленон кој за него бил легенда, па првите два часа не му проговорел ни збор - само седел на подот со тефтерче и парче јаглен и нешто скицирал. По долгата тишина, Џон конечно му рекол - „Дај скини го блокчето на половина и дај ми неколку листови. Сакам да те нацртам“. Дејвид се согласил, па Џон направил неколку карикатури од Дејвид, овој пак од Џон, и така разменувајќи ги и смеејќи се конечно се поврзале.
Една недела подоцна Боуви го повикал Ленон да свири на преработката на Across the Universe. По снимањето, џем сесијата која следела станала основа за „Фејм“, која ја напишале заедно со гитаристот Карлос Аломар.
Обете песни завршиле на албумот „Јанг Американс“ од 1975, а стиховите од насловната песна содржат уште една референца на Битлси, „I heard the news today, oh boy“ (од песната A Day in the Life). „Фејм“, на која Ленон исто така пеел фалсето придружни вокали, станал првиот американски хит број 1 на Боуви.
Висконти кој денес има 76 години, ја спомнува истата анегдота во својата автобиографија од 2007, „Боуви, Болан и момчето од Бруклин“. Таа содржи и други интересни детали, на пример дека токму таа вечер ја сретнал својата идна жена, Мај Панг, која тогаш му била девојка на Ленон во некој период кога биле скарани со Јоко. Успеал да ја изнервира со некој глупав коментар за кунг-фу, можеби како резултат на комбинацијата коњак и кока.
Денес, 8 јануари на денот кој можеше да биде 74-ти роденден на Боуви, официјално излезе уште еден кавер на песна на Ленон, „Мајка“, која до сега кружеше само како бутлег верзија. Посветена е на мајката на Дејвид, Маргарет, која била постојано тажна, веројатно како резултат на хронична депресија.