Основањето нова држава не е лесна задача. Помладиот брат на Ернест Хемингвеј, Лестер, ја научил оваа лекција на потешкиот начин пред 60 години, на 4 јули 1964.
На тој ден Лес, како што го викале пријателите, се качил на сплав од бамбуси и пристигнал на песочно плато или островче долго 10 километри недалеку од брегот на Јамајка. Кренал знаме, со превртен жолт триаголник на сина позадина, за да ја најави Новата Атлантида. Подоцна, за да ги намали дипломатските тензии, инсистирал дека неговата „пловечка нација“ (имено сплавот) ќе биде „мирна сила и нема да претставува никаква закана кон Јамајка“.
Лестер имал свои причини за воспоставување нова земја, независен ентитет непризнаен од меѓународната заедница. Како спортски риболовец, тој сакал да ги заштити водите на Карибите. Во 1962 го активирал Меѓународното здружение за поморски истражувања, група која претходно постоела само на хартија. Приходите поврзани со Новата Атлантида требало да ги поддржуваат ваквите напори, па дури и и да овозможат изградба на аквариум на Јамајка. Секако, тоа би било и храбар експеримент по демократија, како и потенцијална шанса учесниците да се дружат и забавуваат.
Тој имал и каква-таква законска позадина за да го прогласи островот за полунезависен, а полусопственост на САД. Станува збор за тн. Гуано островски закон од 1856, кој велел дека граѓани на САД можат да воспостават сопственост на изолирани острови на кои има депозит на „гуано“ (брбушки од морски птици кои тогаш се користеле како природно ѓубриво во земјоделието). А токму таков наводно бил и островот на Лес.
Човек не може а да не повлече паралела помеѓу авантуристичкиот дух на Лес и неговиот 16 години постар брат. Како тинејџер тој изградил брод, па со другар заминале низ бура од Алабама за да му се придружат на Ернест на Ки Вест, во Флорида. Кога Лес пристигнал, неговиот брат рекол: „Ова изгледа многу добро ако се знае дека е изградено од Хемингвеевец“.
Во текот на Втората светска војна работел како репортер и фотограф и имал одлична репутација. По војната се населил на Флорида, а пред основањето на Новата Атлантида тој и неговата втора жена, Дорис, живееле на напуштен воен брод со своите две ќерки.
Неговата визија за самостоен остров-држава му дошла во 1965, три години по издавањето на неговата книга „Брат ми, Ернест Хемингвеј“ која претходно била објавувана како серија текстови во списанието Плејбој. Тоа е годината откако Ернест се убил со пушка. Ова му овозможило ресурси и време кои му биле потребни за да пренесе стари железнички тркала, кабли и индустриски отпад од Јамајка до островот, за да направи какво-такво пристаниште.
Гласините за овој потфат направиле Лестер да се отисне од сенката на својот постар брат. И иако не била кој знае колку успешна, „пловечката“ Република има свое место во историјата.