„Факт е дека има нешто длабоко привлечно во врска со него. Хитлер знае дека човечките суштества не посакуваат само комфор, безбедност, пократки работни часови, хигиена, контрацепција и, генерално, здрав разум; тие исто така посакуваат борба и саможртва, да не зборуваме за барабани, знамиња и паради на лојалност. Какви и да се како економски теории, фашизмот и нацизмот се психолошки многу поцврсти отколку кој и да е хедонистички концепт на животот“.
Вака пишувал Џорџ Орвел во својата фасцинантна критика на Хитлеровата автобиографија „Мојата борба“ од март 1940. Во неа тој се осврнува на главните теми во самата книга, но и предвидува такви кои ќе се појават во неговите идни ремек-дела, „Животинска фарма“ и „1984“.
Во еден пасус во рецензијата, Орвел замислува свет во кој победил Третиот рајх:
Она што го замислува Хитлер, е огромна држава со 250 милиони Германци и многу „животен простор“ (односно таков кој се протега до Авганистан), ужасна империја без мозок во која всушност ништо не се случува освен обука на млади мажи за војна и бесконечна репродукција на свежо топовско месо.
Статијата е напишана во момент кога високата класа почнува да ретерира во однос на нејзината претходна поддршка на Хитлер. Всушност, претходното издание на „Мајн кампф“ на англиски, објавено во 1939, имала прилично позитивен предговор, која го претставувала авторот како личност за почит. Но до март 1940 сè се променило, па оттаму и новото издание на книгата, со поинаков предговор. Она што се случило потоа сепак покажува дека не сите ја прочитале автобиографијата онолку внимателно колку Орвел.