Ај-би-ем уште во тоа време веќе располагала со значајни капацитети и ограноци во различни градови во светот, вклучително и во Лондон, каде Куци се преселил и се вработил како програмер по напуштањето на родната Јужна Африка.
Во едно писмо кое му го има напишано на Пол Остер, тој се жали дека секојдневното програмирање толку го вовлекувало во процесот што понекогаш чувствувал како запаѓа во лудило „во кое мозокот е преземен од механичка логика“.
Ова тешко му паѓало на човек кој бил надарен за книжевност, задоен со големите поети како Елиот, Езра Паунд и Рилке, а кој и самиот пишувал поезија пред да се сврти кон прозата. Во автобиографскиот роман „Младост“ главниот лик е програмер кој работејќи под безлични блокови од бетон и стакло чувствува како ваквата атмосфера му влегува во крвта и го претвора во зомби.
Вистината е дека Куци во шеесетите од минатиот век работел на најнапредните програмерски проекти во Британија, помогнал во дизајнот на суперкомпјутерот Атлас 2 (наменет за британските истражувања во областа на атомската енергија), а ноќе - за да го надмине спомнатиот „зомби“ ефект кој му го предизвикувале машините - пишувал програми, чиј алгоритам бирал зборови од даден речник и генерирал репетитивни реченици, кои читани едно по друго даваат чувство на случајна „поезија“. На страница најдена во архивата на Куци на Универзитетот во Тексас ги има, на пример, следниве комбинации зборови
INCHOATE SHARD IMAGINE THE OUBLIETTE,
FRENETIC AMBIENCE DISHEARTEN THE ROSE,
PASSIONATE PABULUM CARPET THE MIRROR,
FRENETIC TETANUS DEADEN THE DOCUMENT
Иако никогаш не ги објавил овие резултати тој сепак користел дел од нив во поезијата која ја објавувал. Од тогаш наваму работата е толку напредната што веќе се поставува прашањето (за кое веќе пишувавме) - кога робот ќе биде добитник на Струшкиот венец?