Неговите симфониски композиции се органски дел од атмосферата во бројни филмови - од шпагети вестерни, романтични филмови, хорор и научна фантастика. Компонираше и за поп бендови и пејачи, како за Пет Шоп Бојс, Цукеро, к.д. ленг, Стинг или Андреа Бочели. Пет пати беше номиниран за Оскар за најдобра оригинална мелодија, но дури во 2007 најпрвин доби почесен Оскар, а потоа во 2016 оскар за The Hateful Eight на Тарантино. Во 2009 беше и во Охрид каде го диригираше концертот „Беше еднаш во Македонија“.
Но еден дел од неговата кариера од шеесетите, пред да почне да ги прави првите филмски композиции за италијански комедии, не е многу спомнуван во некролозите по повод неговата смрт, на 91 година. Станува збор за неговото членство во колектив под име „Група за импровизација нова консонанта“ формирана од италијанскиот композитор Франко Еванџелисти во Рим во 1964. Еванџелисти бил посебно заинтересиран за научните теории поврзани со музиката - во 1957 бил поканет да работи во студиото за експериментална електроакустика на УНЕСКО во Гравесано, Швајцарија, каде се занимавал со биофизика и ја истражувал можноста за директно преведување на мозочни импулси во звучни вибрации.
Колективот кој го формирал се фокусирал на тогаш авангардни техники, развиени преку импровизација, врева и анти-музички системи. Свиреле џез, конкретна музика (која за свој сиров материјал користи снимени звуци), како и фанк. Главни членови имало тројца: Еванџелисти свирел на пијано и удирачки инструменти, Егисто Мачи на жичани, а Енио Мориконе на труба и флејта. Сепак, користеле и необични инструменти, како кујнско лавабо. До смртта на Еванџелисти во 1980 тие снимиле седум албуми, меѓу кои „Ероина“, опишан како „сосема луд“, каде секоја композиција требало да симулира ефекти на специфична дрога.
„Мојата поризична или авангардна музика не е толку позната, а посакувам да беше“, изјавил Мориконе во интервју за Uncut во 2015.
Подолу 46-минутен документарец за „Ил групо“ на Тео Галер (германски, француски и италијански, со англиски титл)