Во 1929 година „Бел телефон компани“ од Индијана дошла во ситуација постоечкото седиште да ѝ е претесно. Еден од најпознатите локални архитекти во тоа време бил Курт Вонегат постариот - татко на славниот писател со истото име. Неговата имагинација која можеби ја наследил синот, само на друго поле, велела: зошто нешто да се руши, кога постоечкиот простор дозволува објектот да се помести и со тоа да се отвори простор за доградба? Поместувањето требало да биде за 90 степени, но притоа не зборуваме за куќичка направена од Лего коцки. Ова било осумкатница направена од челик и цигли, која тежела 11.000 тони.
Сепак, помеѓу 20 октомври и 14 ноември 1930, компанијата навистина успеала во планот да ја помести целата структура. Притоа сите 600 вработени биле во зградата и немало никаков прекин на активностите!
Како што се гледа на ова кратко видео, целата структура е поставена на нешто што изгледа како шини. Поместувањето делува мазно како да станува збор за макета а не за зграда со луѓе внатре. Тие влегувале и излегувале од зградата додека таа се поместувала преку подвижен влез кој се движел заедно со објектот.
Тогаш Курт Вонегат помладиот имал осум години и сето ова сигурно му изгледало многу забавно. Малку требало и тој да стане архитект, со оглед на тоа што и дедо му од таткова страна, Бернард Вонегат, бил дизајнер на „Атенеум“, најстарата сочувана градба во Индијанаполис поврзана со германско-американската заедница, отворена во 1893.