Во 1769 во Швајцарија било формирано Типографско друштво на Нешател. Основачи биле четворица локални благородници чија цел била да ја задоволат побарувачката за француски книги, со нивно препечатување и продавање низ цела Европа. Фредерик-Самуел Остервалд, главниот на друштвото, немал никакво искуство со издаваштвото, а истото важело и за неговите содружници. Сепак, одлучиле да отворат печатница, а консултанти за тоа што треба да печатат им биле книжари, меѓу кои најискусниот бил Пјер-Фредерик Гус од Хаг, кој водел еден од најголемите бизниси со книги во западна Европа. Неговиот хонорар се состоел од тоа да добива книги за продавање со повластена маржа.
Едно од така издадените дела биле „Прашања во врска со Енциклопедијата“ (Questions sur l’Encyclopédie) на Волтер, последено големо дело на овој филозоф и огромно по обем - девет тома. Кога Остервалд му пишал на Гос, во мај 1770, дека планира да печати оригинално издание од ракопис, кој би му го доставил самиот Волтер, овој одговорил - „Станува збор за потфат од чисто злато...Веднаш советувам да зборуваме за големи бројки“.
Но тој набргу сфатил дека Остервалд не нуди оригинално издание, туку пиратирана верзија на книга која истовремено ја планирал главниот издавач на Волтер од Женева. Неговиот гнев сепак не бил оправдан - Остервалд навистина му се обратил на самиот автор, кој при крај на животот веќе не се ни надевал на заработка од своите дела. После педесет години искуство со издавачи тој ги знаел сите нивни трикови, и исто така научил да ги користи за повисока цел - ширење на просветителството. Се согласил зад грб на својот официјален издавач да му ги даде материјалите на Остервалд, корегирани и проширени, со што практично се согласил да се пиратира самиот себеси. Тоа било начин да се добијат повеќе примероци. Освен тоа бил свесен дека и без негова согласност делото ќе биде пиратирано. Вака барем можел да го контролира процесот, а предложил Друштвото за типографија да ги издаде, ако сака, и сите негови дела, во 40 томови.
Но колку што Волтер ги познавал книжарите, толку и тие го знаеле него. Со тоа што им нудел „модифицирани“ текстови на различни издавачи ја подривал довербата на муштериите, кои не сакале да даваат големи пари за нешто што веќе го имале. Или како што напишал еден книжар - „Сите негови дела во последните шест-седум години се истото јадење, само послужено со други сосови“.
Главно во пиратеријата било книгата да излезе ПРЕД оригиналот или барем истовремено. Во спротивно, тоа било како „да се служи сенф после вечерата“. Иако најпрвин делувало дека Остервалд ќе успее во својата намера, почнале да се нижат малери - де снемувало хартија, де работниците дале отказ за да се вработат онаму кадешто имало подобри услови, во Лозана и Женева. По тринаесет недели тешка работа, првиот том е комплетиран. Но сега започнале проблемите со транспортот. Книгите (500 парчиња) требало да патуваат до Гос во Хаг по реката Рајна. Патувањето се одолжило, па книгите пристигнале до него дури шест недели подоцна, кога томовите 2 и 3 на другиот издавач веќе се продавале во книжарните на конкурентите.
Можеби терминот „пиратерија“ во случајов и не одговара, бидејќи ниту официјалниот издавач не го имал купено текстот од Волтер и немал законско право да го репродуцира. За ова можел и да одговара, доколку Волтер не бил толку вицкаст и широкоград во врска со сопствените авторски права. Тој почнал дури и да ја додава следна реченица во своите дела: „Со ова дозволувам печатење на моите глупости, без оглед дали се тие вистина или лага, на сопствен ризик и за на име на профит на издавачот“.