„Фајт клаб“ на Паланиук/Финчер, антологиска книга и филм базиран на неа, меѓу другото се толкувани како опис и критика на „мачо“ културата, во која или ќе тепаш, или ќе бидеш натепан.
Но што се случува кога истиот дискурс (да, употребивме „дискурс“ во интернет статија) ќе се примени на жени, и тоа од „нежниот“ едвардијански период, почетокот на 20 век во Британија?
Режисерката Емили Џенис Кард го прави токму тоа во овој триминутен филм - женските ликови од „Гордост и предрасуда“ чија животна рутина се состои од тоа да бидат смерни и пристојни ги спојува со суровоста на „Боречки клуб“. Принципот на меѓусебни тепачки меѓу овие жени е: „без кросети, без игли за шешири и без плачење“.
И ова не е далеку од историската вистина за времето на кое се однесува, само не и на класата. Додека сестрите Бенет и сличните на нив не се тепале вистински, тоа го правеле оние од пролетеријатот, главно за пари. Во Лондон постоело и посебно место за женски тепачки, под име Hockley in the Hole, чиј сопственик бил боксерскиот менаџер Џејмс Фиг, а каде се одвивале и други атрактивни настани за посиромашната публика. Такви биле суровото тепање на врзана мечка пуштање кучиња на врзан бик, или тепање меѓу луѓе со кратки стапови.
Во 1901 женски тепачки во оваа лондонска биртија биле најавувани во локалните весници, при што извесна Ан Филд од Њуингтон предизвикала на борба извесна госпоѓица Стоукс, поранешна европска шампионка на тепачка со фонд од 10 фунти . Целата преписка (тука) е интересна не само од таа, историска перспектива, туку и од стилска, високопарна но прилично прецизна.
И ова секако не е единствениот пример. Такви има и од порано, уште од 18 век. Во 1722 извесна Хана Хифилд од Њугејт маркет се договорила со нејзината противничка да се тепаат, ама секоја во тупаница да држи половина круна (железна паричка) за цело време на тепањето. Според историчарите ова се правело превентивно, за да се минимизира гребењето и кубењето коси.
Еве го триминутниот филм, екстра забавен