„Манџиамакерони“ е некогашен назив на жителите на градот познат по своите тестенини, Неапол. Макароните (генеричко име за тестенини, не конкретно за макарони) биле насекаде, а некои од наполитанците дури можеле да ги јадат и бесплатно, доколку биле подготвени тоа да го прават многу ефикасно и во јавност - како денешните натпревари во брзо јадење. Вообичаено тие, а и сите останати, тестенините ги јаделе со голи раце.
Ова било атракција за туристите, кои фрлајќи паричка или две на „лазароните“ - уличните просјаци, поттикнувале лудо јадење на тестенините кои стоеле пред нив за оваа прилика. Едисон снимил и филм за ова во Неапол во 1903, а на него се гледа дека „макароните“ повеќе личат на нешто што денес би го нарекле шпагети, само без доматниот сос.
Вејверли Рут (1903-1982), американски новинар и автор на неколку книги за гастрономијата на Италија и Франција, пишувал дека му се одјала паста откако ја гледал насекаде низ Неапол, расфрлена по улиците, со измет од гулаби врз неа. Тоа е време кога тестенините веќе се произведуваат индустриски, а фабрики се отвораат насекаде низ Италија.