Две ќелави (умни) глави

Кога Брајан Ино го сретна Варуфакис

Едниот музичар, другиот математичар со докторат од економија и поранешен министер. Двајцата со радикални идеи во нивните области, пријатели кои од време на време одат заедно на концерти. Нивен неодамнешен двочасовен разговор за сè и сешто - од кучиња-скитници, природата на верата, нападите во Париз и, најважното, нивниот активистички оптимизам.

Пред неколку дена, кога Варуфакис учествуваше на дискусија со Жижек и Асанж во Лондон (за која пишувавме тука), тој најде време да се сретне со другар му Ино. Гардијан го „прислушкуваше" нивниот муабет, а потоа го објави, таков, сечен и лепен. Еве делови од него:

Б.И.: Како стигна тука?

Ј.В.: Одев од Ватерло до Марбл Арч, после се качив на метро. Сакам да пешачам.

Б.И.: И јас пешачам секое утро во Хајд парк. Имам пријател кој има две огромни кучиња, англиски мастифи, големи суштества. Многу кошта да ги одгледуваш. Не знам зошто луѓето чуваат кучиња

Ј.В.: Тие се многу добра замена за деца.

Б.И.: Ама тој има и деца. Тогаш што ќе му се две огромни кучиња? Едно од нив го чини 12,000 британски фунти за ветеринар. Близнаци се, тешко е да ги разликуваш, освен што едното затоа што беше болно е послабо од другото.

Ј.В: Има фантастични кучиња скитници во Грција

Б.И.: На Крим пред 18 години видов нешто многу чудно. Градот е на две нивоа, дел на планина, дел во подножјето. Имаше лифт кој носи до врвот. И скитници кучиња кои живеат на врвот на планината, и застануваат во редот кога луѓето влегуваат во малите лифтови кои одат надолу. Се качуваш во лифт, и мало куче скока до тебе. Тие одат до долу, каде копаат по контејнерите и околу рестораните, а потоа пак се местат во редот за нагоре.

Ј.В.: Треба да ги видиш овие во Атина. Фантастични се кога минуваат улица. Гледаат во семафорот и чекаат. Секако, тоа е дарвиновски процес. Оние кои не го научиле ова умреле.

Б.И.: Истото е и со кучињата на брдото. Оние кои опстанале се оние кои научиле да го користат лифтот...Имам краен рок за новиот албум денес. Ќе ти пуштам нешто од дувачите. Многу е различно од сè што сум правел до сега. Ќе го пуштам гласно.

(се местат за сликање)

Ј.В.: Две ќелави глади се судираат.

Б.И.: Ова е шоу бизнис

Ј.В.: Навикнат си на тоа.

Б.И.: Не, економистите сега се многу пошоубиз отколку поп ѕвездите. Го знаеш списанието Проспект? Секоја година имаат 50 водечки ликови, а минатата година 17 од нив беа економисти. Ти си еден од нив. Еднаш и јас бев на листата, но уметниците веќе не се важни.

Ј.В.: Кога има земјотрес сеизмолозите стануваат важни. Сега имаме економска криза, па економистите се важни. Во текот на 1930тите моравме да чекаме за пресврт пред уметниците да станат значајни. Кога работите се тешки, уметноста стагнира.

Б.И.: Да. Си ја видел прекрасната книга „Кога уметноста функционираше"? Се однесува на уметноста во времето на Депресијата, како американската влада одлучила да направи нешто кое не би се осудила да го направи која и да е влада, што значи да вработи голем број уметници. Тоа е многу интересна идеја. Ги придвижи работите во Америка.

Ј.В.: Во текот на најтешкиот дел од кризата, прогресивната политика и уметноста умираат.

Б.И.: Да. Ако нема алтернативи, нема причина да се создава уметност. Уметноста е начин на мислење за други можности. Сакаш да го чуеш ова колку да имаш чувство за што се работи?

(Следи муабет за непредвидливоста на пазарот, непредвидливоста на човечките тапанари, за Хегелијанската регресија, па до замената на човечки работници од роботи)

Ј.В.: Епл има фабрика во САД која не вработува речиси ниеден работник, а самата фабрика е изградена од роботи, па прашањето е, кој ќе ги купи овие Епл машини? Роботите победија. Сега, како сето ова ќе заврши не се знае. Можеби кризата ќе стане толку длабока што машинеријата ќе стане прескапа, па човечкиот труд привремено ќе се врати на сцената. Тоа ќе доведе до пораст на платите, што ќе води кон зголемување на побарувачката, па машините пак ќе почнат да доминираат.

Б.И.: Има и друга можност: базичен приход. Тоа значи им даваш на луѓето одредена сума пари, без оглед дали тие работат или не. Така одбегнуваш мизерија на луѓе кои немаат ништо, а истовремено ја стимулираш економијата, затоа што луѓето кои имаат пари купуваат нешта. Секогаш мислиме дека парите треба да одат на врвот и дека тие на врвот ќе ги вработат и обезбедат другите. Но она што се обидоа во Бразил беше да им дадат на луѓето во фавелите по околу 1000 долари, за да ги испратат децата на школо. Резултатот е тоа што луѓето ги потрошија тие пари и тоа локално...

Ј.В.: Немам емпириски податоци кои би ме направиле оптимистичен кога е во прашање човечката природа. Да бев чист емпирицист сите докази ќе беа во корист на тоа дека сме една гнасна толпа, но не дозволувам тоа да ми навлезе во верата, а тоа е во човештвото. Така, јас сум целосно оптимистичен преку моето срце, и не дозволувам мозокот да ми раководи со срцето.

Б.И.: Тоа е чин на верба која ја создава сопствената реалност.

Ј.В.: Имаме вера, само што таа не е кон божество.

Б.И.: Интересно е да се следат реакциите во врска со Париз. Не е комплетно кич и сентиментално кога ќе се случи нешто вакво и сите ќе речат: „Не се согласуваме со ова: ова не сме ние". Луѓето не го игнорираат. Би било загрижувачки кога би се игнорирало, и би се продолжило со животот како ништо да не било.

Целиот разговор тука

30 ноември 2015 - 16:05