Пролетта 1928 вработените во библиотеката Хантингтон во јужна Калифорнија забележале дека нешто ги јаде книгите во нивната збирка. Милионерот Хенри Е. Хантингтон, кој го стекнал своето богатство вложувајќи во железницата, во 1920 ја формирал библиотеката трошејќи куп пари на најголемите и најдобрите колекции на ретки книги до кои можел да дојде. Починал во 1927, но имал намера неговата збирка да живее долго после него - а како што откриле библиотекарите томовите биле буквално полни со живот. Кога некој собира книги, автоматски ги собира и организмите кои се хранат од нив.
Анобиум паницеум, лебна или пиљарска бубачка, она што ги јаде книгите е познато под различни имиња. Како што забележал библиотекарот Томас Марион Иамс, кој ја раководел акцијата за расчистување со штетниците во Хантингтон, книшкиот молец покажувал „универзално непочитување за речиси сè, дури и за отворниот арсен или олово“.
Бидејќи бил нов во професијата, а и самата библиотека била воспоставена пред само 8 години, тој им пишал на поголемите и постари институции од овој вид, кои излегло дека исто така немаат дефинитивно решение. Некои колеги дури и му рекле дека самото постоење на книшкиот молец е мит. Други едноставно велеле дека презеле сè што можеле и заклучиле дека книшките молци едноставно не можат да бидат убиени, бидејќи се отпорни на традиционалните пестициди, а апетитот не им е само за листовите туку и за кожните корици, дури и за лепакот за подврзување кој содржел скроб. Од други добил совети за прскање на книгите со формалдехид (корисно за чување на мртви органи но за живите моќен карценоген), до комични предлози за попрскување на полиците со „малку мелен бибер“.
Од почетоците на јавниот библиотечен систем, јавниот и отворен пристап кон книгите предизвикувал страв и желба за прочистување на библиотечните полици и читалните. Ова се однесувало не само на нештата што можат да ги нападнат книгите, туку и на социјално непожелните посетители во самата библиотека. Во 1883, истата година кога е започната градбата на библиотеката на Ендрју Карнеги, еден библиотекар настапил на конференција на Американското библиотекарско здружение со статија под наслов: „Јавната библиотека во Бафало во 1983“. Во оваа футуристичка визија, тој најпрвин нè запознава со просторијата каде се носат книгите: „Тука нема ништо забележително освен чистотата на воздухот“, очигледен приоритет за секој тогашен библиотекар, заедно со прецизното мерење на температурата и притисокот.
Секому морало да му се дозволи пристап до пултот за издавање книги, но што се однесува до читалните, таму немало пристап за „небањатите“ (the great unwashed). Се мисли на сиромашни или на бездомници, кои не можеле да ги задоволат тогашните стандарди за лична хигиена. Но „чистота“ и „хигиена“ не биле само термини со биолошка конотација, туку означувале и чистота на карактерот, во време кога многумина верувале дека склоноста кон неморал и криминал биле наследни. Кога веќе библиотеките почнале да стануваат јавни места, и покрај желбата тоа да биде направено во вистински демократски дух, ограничувања сепак морало да има.
Читањето и допирањето книги значело контакт со телата, бактериите и заразите на другите. Книгите можеле да бидат инфицирани, па оттаму тие биле прскани, третирани, ставани во карантин, понекогаш дури и уништувани. Некој истражувач експериментално ги инфицирал книгите со скарлатина и сфатил дека бактериите можат да издржат 18 дена во „лесно инфицирани книги“. Насловната на месечниот билтен на библиотеката во Лос Анѓелес од 1915 ги информирала читателите за политиките на позајмување, тешејќи ги: „Библиотеката добива известувања за сите случаи на заразни болести. Ниедна книга не може да биде земена или вратена од некој во чија куќа има заразен, додека и куќата и книгата не бидат дезинфицирани“.
Во отсуство на официјални препораки спомнатиот Иамс самиот експериментирал. Прилагодил вакуумски контејнер за фумигација, кој претходно бил користен за прскање растенија. Користењето на отровен гас за оваа цел можеби не му била прва помисла, но во тоа време тоа било толку „модерно“ - од егзекуции на осудени на смртна казна, до „неутрализирање“ кучиња-скитници - што веројатно не гледал ништо спорно во тоа. Прво експериментирал со хидроген цијанид, а потоа со меѓународен бренд познат под името - Циклон Б!
Ова е отровот кој Американците во тоа време широко го применувале за истребување на закани по здравјето и безбедноста на нацијата, како дезинфицирање на пошта која доаѓала од затвореници во колонија за лепрозни во Хаваи или третирање овошки и зеленчуци кои доаѓале од странски земји. Да потсетиме, тоа е истиот оној гас користен во нацистичките логори за истребување на Евреите и другите непожелни и „небањати“.
На 1 јануари 1933 е објавена фотографија на библиотекарот во Њујорк Тајмс со само кратка легенда која го фали Иамс за конструирање на „комора во која сите книги се подвргнуваат на процес на деконтаминација“.
Извадок од „Ние, мртвите: чување на податоци на крајот на светот“ од Брајан Мајкл Марфи