Карло Педерсоли - актерот и Олимпиец што не го знаете под тоа име

Генерациите растени по скопските кино сали многу добро ги знаат филмовите, акции-комедии италијански вестерни, со Бад Спенсер и Теренс Хил. Е па, вистинското име на Бад е Карло, а неговата биографија, која ја дознаваме дури сега, е многу поинтересна отколку што очекувавме.

Пред некој ден на јутјуб налетавме на стари филмови со Бад Спенсер и Теренс Хил, што премина во целовечерно потсетување на ова шармантно дуо и нивните шпагети вестерни и комедии со моменти на акција, популарни во 1970-тите и 1980-тите. 

Вистинското име на Теренс било Марио Џироти, а на Бад, Карло Педерсоли. Aмериканизираните имиња ги зеле по наговор на режисерот на првиот филм на ова дуо, „Бог простува, јас не!“, бидејќи нивните му звучеле преиталијански како за во вестерн. Во тоа време актерите па дури и луѓе вклучени во екипата на италијанските вестерни често ги заменувале имињата со американски, за филмот да има подобра шанса да се продаде во неиталијански говорни подрачја. „Бад“ било инспирирано од пивото Бадвајзер, а „Спенсер“ од актерот Спенсер Трејси.  

Карло во младоста бил успешен пливач и дипломиран правник (најпрвин студирал хемија). Бил првиот Италијанец што испливал 100 метри слободно за помалку од една минута. Учествувал за својата земја на летната Олимпијада во Хелсинки во 1952 и на онаа во Мелбурн четири години подоцна, стигнувајќи до полуфиналето во истата дисциплина. Играл и ватерполо, а со италијанскиот национален тим освоил злато на Медитеранските игри во Барселона од 1955. 

Но тоа не е сè. Покрај актерската кариера, тој имал договор со познатата дискографска компанија РЦА Рекордс им пишувал стихови за големи италијански ѕвезди, како Орнела Ванони. 

Во 2005 влегол во политика, придружувајќи се на партијата Форца Италија. Овој чекор го оправдал со изјавата - „Има само три нешта што не сум бил - балетан, џокеј и политичар. Со оглед на тоа што првите две не доаѓаат предвид, ќе се фрлам на политика“. Сепак во оваа област не доживеал слава. Затоа пак на него се уште се сеќаваат особено повозрасните жители на некогашни социјалистички земји. Во Будимпешта има негова статуа, а во 2021 во Берлин се отвори музеј посветен на неговата актерска кариера. 

Починал на возраст од 86 години, во 2016 во Рим. Неговиот син, Џузепе Педерсоли, изјавил дека татко му „умрел без болка во присуство на семејството“, а последниот збор му бил - 'грацие'.

15 август 2024 - 16:59