„Ирското збогување“ (Irish exit) е всушност отсуство на збогување, односно заминување од некаков собир на повеќе луѓе без да се најави истото. Со други зборови, како човек нешто да се налутил па им свртил грб, иако секако причината не мора да биде таа.
Но зошто токму „ирски“? За ова има повеќе теории, а една од нив има врска со Големиот глад во Ирска во 19 век, период на болести, глад и емиграции настанати поради заболување на компировите насади, што претставувало главен извор на храна за најмалку третина од населението. Немото збогување се однесува на луѓето кои морале во потрага по парче леб да се иселат од својата земја и можеби никогаш повеќе да не се вратат.
Но друга, повесела верзија е дека терминот е поврзан со Американците со ирско потекло, познати по своите навики за журкање и пиење. Идејата е дека човекот што заминува од забавата има толку многу испиено што мора тоа да го направи брзо и ефикасно за да избегне срам и сеир.
Европската верзија е „француско заминување“ (French exit), што го означува истото - заминување од собир без поздрав. Во Германија важи „полското заминување“, а во Франција - англиско.
Кај нас ваквото заминување можеби нема име (ако има, пишете), но сепак се смета за непристојно и во најмала рака необично, особено за поинтимни собири. Но предизвикот да се одбегнат долгите збогувања (се гледаме-се гледаме, фала-фала) е сепак голем.