Првата генерација чие име звучи како да се однесува на жители на некоја чудна планета се „милениумците“. Тоа се луѓе родени околу 1981-1996, кои го добија името затоа што нивните први претставници матурираа во 2000-тата. Таа поради нешто излезе дека е и најпроучуваната генерација во историјата, а за неа има и алтернативни етикети како Генерација Ипсилон, бидејќи доаѓа по Генерацијата Икс.
Икс пак опфаќа луѓе родени помеѓу 1965 и 1980, кои беа првите кои дојдоа во допир со интернет и кои можеби се секираа дека Y2K ќе го уништи светот. Името го добија од книгата на Даглас Купланд од 1991, „Генерацијата Икс: приказни за забрзаната култура“. Оваа се вика и „Ем-ти-ви“ или „заборавената“ генерација бидејќи споредено со Бејби бумерите и членовите на Генерацијата Икс се помалку на број.
Но кога е почнато со именување на генерациите? Некои историчари ова го поврзуваат со романот „Сонцето повторно изгрева“ на Ернест Хемингвеј, која почнува со мото на Гертруда Стајн кое гласи: „Вие сите сте загубена генерација“. Во 1951, пак, во списанието Тајм излегол коментар според кој „денешната млада генерација не прави манифести, не држи говори и не носи транспаренти. Таа е наречена Тивката генерација“.
Следни биле Бејби бумерите. Сè започнало кога Бирото за статистика во САД ги нарекло годините по Втората светска војна „Повоен бејби бум“ бидејќи наталитетот скокнал од 3 милиони годишно на над 4 милиони. Како што децата родени во овие години станувале потрошувачи, рекламните агенции го прилагодувале маркетингот на своите производи за таканаречените бејби бумери. Ова е првата и до сега последната генерација чие „официјално“ име доаѓа од владина организација.
Рекламните агенции се „виновни“ за понатамошното именување на генерациите, бидејќи ним им се потребни такви одредници за целните групи. Така во мода влегол прото-терминот за милениумците, Генерација ипсилон. Следна е Генерацијата З (Зед), која полека се здобива со потрошувачка вредност и допрва ќе станува економски моќна. Како што тоа ќе се случува, рекламните агенции ќе имаат готова етикета која ќе ја користат во извештаите за продажба и во колумните за мода. А кога З ќе излезе од таа потрошувачка зона, по неа ќе настапи Генерацијата Алфа. Да претпоставиме, следната, освен ако не се појави некој покреативен ум, ќе биде..Бета?