Како Ејси-диси и Моторхед станаа звуци на Втората светска војна

„Пики Блајндерс“ ги има Ник Кејв и Пи-џи Харви. „Мечката“ има рок за постари. „Сјутс“ има блуз. Но филмовите и сериите за Втората светска војна имаат - метал.

Пред дваесетина години, ТВ музичките уредници беа помеѓу најважните луѓе кога станува збор за моделирање на јавниот вкус. Бидејќи немаше видео или музички стриминг сервиси, музиката вклучена во eдна хит серија можеше индиректно да се „очеша“ од ваквата популарност и да стане и самата популарна.

Еден музичка уредничка, Александра Патсавас, која ги има бирано песните за серијата „Грејс анатоми“, стана толку влијателна што во друга серија, „Девојки“ на Лена Данам има приказна во која два лика сонуваат за тоа како им се менуваат животите со тоа што одобрува нивна песна и таа влегува во серијата. 

Иако музичките уредници веќе ја немаат оваа моќ, или токму поради тоа, нивната работа мора да биде малку поимагинативна и навистина да се вклопува во нарацијата (а не да биде некоја рендом електроника или „музика за во лифтови“). Колку пати сте се фатиле дека го проверувате саундтракот на некоја нова серија, и покрај тоа што музиката е всушност - стара? Финтата на вметнување „анахронистичка“ музика во серии како „Пики блајндерс“ или „САС Рог Хироус“ ја крева нарацијата на ново ниво.  

Двете спомнати серии се од ист автор - Стивен Најт (патем, познат и како еден од тројцата креатори на „Кој сака да биде милионер“). „Рог хироус“ е од 2022, историска драма која ги опишува почетоците на британското воздухопловство во текот на Втората светска војна. Серијата изобилува со моменти каде музиката и дејството се во совршена комбинација. Во првата од двете сезони, падобранска мисија е прикажана со бавната но интензивна Live Wire на AC/DC. Германските сили на Крит се уништени со звуците на Overkill на Motorhead. Во втората сезона, пак, е вклучена Highway Star на Deep Purple. 

Во сите овие случаи, музиката ја поткрева атмосферата, но поттиккнува и непријатно чувство: дали бруталното војување треба да биде волку возбудливо? Сепак, за да не испадне дека само во акционите сцени има добра музика, нагласени се и емотивните моменти, но повторно во рамки на хард-рокот. Така на крајот на четвртата епизода ги има The Cult со She Sells Sanctuary. 

Стивен Најт вели дека кога пишува замислува сè што се случува на екранот. Тоа значи движењето на актерите, зборовите што се кажуваат, но исто така и музиката.

„Мислам дека саундтракот е нешто многу мисериозно што повеќето луѓе не го доведуваат во прашање. Гледаме нешто и ја слушаме музиката, но не се прашуваме од каде доаѓа таа. Просто го земаме здраво за готово фактот дека постои уште еден дополнителен елемент во вовлекувањето во приказната“. 

Иако музичките уредници не сакаат да создават клишеа (дека некој вид дејство секогаш би се врзувало со одредена музика), металот изгледа е совршен за воени филмови и таков и ќе остане. Па нема веројатно да слушаме укулеле дур ечат експлозии. Иако, кога човек ќе размисли, зошто па да не?

7 март 2025 - 09:40