Пред вчерашната средба на Трамп и Путин на самитот Г20 во Хамбург, некои од критичарите на Белата куќа го исмеваа недостатокот на искуство помеѓу Американците во групата, која беше екстремно мала - само шест луѓе кои освен самите претседатели се состоеше уште од американскиот државен секретар, рускиот министер за надворешни работи и двајца преведувачи. Иво Даалдер, амбасадорот на САД во НАТО под Обама твитна: „Целиото владино искуство собата? Русија: 80+години. САД: помалку од 12 месеци“.
Но Даалдер не зема предвид еден значаен дел од американскиот тим: преведувачот.
На секоја средба со странски лидер оние анонимни фигури кои ја овозможуваат комуникацијата не се таму за само механички да пренесуваат зборови од едната на другата страна. Тие можат да послужат и како проверувачи на факти, фалсификатори на факти, па дури и како луѓе од доверба, особено за неискусни претседатели како Трамп.
„Кога настапувате како нов претседател понекогаш имате работа со лидер кој е на функција 10 или 20 години, и кои пред вас примил и други американски претседатели“, вели Хари Обст, кој преведувал за седум американски претседатели. По потекло Германец, тој е и автор на книга под наслов: „Преведувачот од Белата куќа“, која зборува за неговите искуства со уметноста на преведувањето.
Обст, како долгогодишен преведувач оттаму има многу повеќе опит кога станува збор за табиетот на одреден лидер и можната атмосфера на средбата. Ова некои претседатели го знаат и мудро го користат. Линдон Џонсон на пример, кој станал американски претседател преку ноќ, кога бил убиен Кенеди, особено водел сметка за искуството на преведувачите.
„Џонсон ќе ме тргнеше на страна пред средбата и ќе прашаше: Го знаеш ли човеков? Каков е? Дали е директен? Дали е добро веднаш да се мине на главното или да се кружи малку?“, раскажува Обст.
Во Белата куќа постои и посебна Канцеларија за јазични услуги кои ги подготвуваат преведувачите за голем број теми, инсистирајќи тие да имаат многу широка општа култура. Претседателите можат да забегаат во каква и да е тема, од нуклеарни подморници до земјоделство, и ако немаш познавање од тоа како лета авион или како работи нуклеарен реактор можни се големи грешки.
Важни се и културолошките разлики, метафори кои можат да предизвикаат од благи недоразбирања до скандали. Ова особено важи за претседатели како Трамп кои се расфрлаат со специфични фрази, необични дури и за некој кој зборува англиски. Таквите се посебен предизвик за преведувачите, кои секако знаат да направат и свои гафови. Има и такви кои длабоко се вовлекуваат во приказните што ги преведуваат - еден од нив, талентиран лингвист кој преведувал за администрацијата на Буш, подоцна сведочел во корист на обвинет терорист во Индонезија а сега пишува за сајт за теории на заговор.
Извор: Атлантик