Полузаинтересиран, и не многу начитан, тој сепак успеал да добие десетка на првиот тест, па дури и да му стане асистент, со специфична задача - гледање и прераскажување филмови од локалните кина. На крај сепак ја зафркнал работата.
Заталкав на часовите по Лит 311 на почетокот на мојата бруцошка година на Корнел во 1954. Не дека нешто многу ме интересираше европската литература ниту која и да е литература. Само барав група која има часови понеделник, среда и петок наутро за да не морам да одам во сабота на часови, а „литература" беше еден од условите за дипломирање. Официјално се викаше „Европска литература на 19. век", но неофицијално весникот Cornell Daily Sun предметот го нарекуваше „Валкана Лит", затоа што се занимаваше со неверството во Ана Каренина и Мадам Бовари.
Професор беше Владимир Набоков, емигрант од царистичка Русија. Висок повеќе од метар и осумдесет со знаци на ќелавост, тој стоеше со нешто што го сфаќав како аристократско држење, на подиум на амфитеатар кој собираше 250 студенти во Голдвин Смит. Со лице свртена кон сцената седеше неговата белокоса жена Вера, која тој ја претставуваше како „мојот асистент". Уште од првото предавање тој стави до знаење дека не е заинтересиран за дружење со студентите, кои не ги познаваше по име туку по бројот на нивното седиште. Моето беше 121. Рече дека единственото правило е да не излегуваме од час, освен за во тоалет, и освен ако немаме оправдание од доктор.
Потоа ги опиша неговите барања за читање на обврзните книги. Рече дека не треба да знаеме ништо во врска со нивниот историски контекст, и дека под ниту еден услов не смееме да се идентификуваме со кој и да е лик во нив, бидејќи романите се дела на чиста фантазија. Авторите, продолжи тој, имаат само една единствена цел: да го магепсат читателот. Така што се што знаеме за да ги цениме, освен џепен речник и добра меморија, се нашите сопствени кичми. Тој не убеди дека авторите кои ги одбрал - Лaв Толстој, Николај Гогољ, Марсел Пруст, Џејмс Џојс, Џејн Остин, Франц Кафка, Гистав Флобер и Роберт Луис Стивенсон - ќе произведат трпки кои ќе можеме да ги почувствуваме на 'рбетот.
Така почна курсот. За жал, со умот во пештерите, езерата, кино салите, факултетските ходници и другите локални волшепства на Итака, не стигнав воопшто да ја прочитам Ана Каренина, а Набоков веќе даде тест. Тој се состоеше од само едно есеистичко прашање: „Опишете ја железничката станица каде Ана прв пат го сретна Вронски".
Прво бев затечен од прашањето бидејќи, со оглед на тоа што ја немав прочитано книгата, не знаев како Толстој ја претставил станицата. Но се сетив на станицата која ја имаше во филмот од 1948 со Вивијен Ли. Со оглед на тоа што имам фотографска меморија, можев да ја визуелизирам ранливата Ли во нејзиниот црн фустан како лунѕа низ станицата, и да ја пополнам испитната тетратка, опишувајќи детално се што беше прикажано во филмот, од брадестиот продавач кој потпивнува чај од крупен бакарен самовар до двата гулаба кои ѝ се гнездеа над главата. Дури по испитот сфатив дека голем број од овие детали воопшто ги немало во книгата. Очигледно режисерот Џулиен Дувивие имал и сопствени идеи. Оттаму, кога Набоков побара „седиштето 121" да се јави во неговата канцеларија по часот, очекував дека ќе ме падне, па дури и дека ќе ме исфрли од Валкана Лит.
Она што не го земав предвид беше Набоковата теорија дека големите романсиери создаваат слики во умовите на нивните читатели кои одат многу над она што се опишува со зборови во нините книги. Јас веројатно бев единствениот кој ја потвди оваа теорија со опишување на она што не е во книгата, и бидејќи тој очигледно немал никаква претстава за филмот, тој не само што ми даде одлична оцена, туку и ми понуди еднонеделна работа како „помошен асистент на курсот". Платата беше 10 долари неделно. Уште почудно, тоа исто така вклучуваше филмови. Секоја среда филмовите се менуваат во четирите кина во центарот на Итака, именувани од Набоков како „блиското блиско", „блиското далечно", „далечното блиско" и „далечното далечно". Мојата задача, на која одеше голем дел од неделната заработувачка, беше да ги гледам сите четири нови филмови во среда и во четврток, а потоа да го брифирам во петок наутро. Рече дека бидејќи има време да види само еден филм, овој разговор би му помогнал да одлучи кој од нив да гледа, ако воопшто се одлучи на тоа. Ова беше совршена работа за мене: ми плаќаа за да гледам филмови.
Се беше добро следните неколку месеци. Почнав да читам и навистина уживав во петочните муабети со Набоков во неговата канцеларија на вториот спрат од Голдвин Смит. Иако тие ретко траеа повеќе од пет минути, направи да им завидувам на другите студенти на Валкана Лит. Вера обично седеше од другата страна на масата, и правеше да се чувствувам како да сум прекинал нивна продолжена средба. Пресвртот се случи токму откако тој предаваше за „Мртвите души" на Гогољ.
Претходниот ден го имав гледано „Кралица пик", британски филм од 1949, базиран на кратка приказна на Пушкин од 1833. Се однесуваше на руски офицер кој, очаен да победи на карти, убива една постара руска контеса додека се обидува да го научи нејзиниот таен метод на избирање карти во играта фаро. Тој изгледаше незаинтересиран за заплетот, кого очигледно добро го знаеше, но неговата глава се подигна кога како заклучок реков дека ме потсетува на Мртви души. Вера исто така се заврти и зјапаше директно во мене. Долго гледајќи ме, тој на крај праша: „Зошто го помисли тоа?"
Веднаш сфатив дека сум кажал нешто што и тој го мислел, за врската помеѓу овие двајца руски писатели. Во тој момент требаше да си заминам, вадејќи се со тоа дека ми треба повеќе време да размислам околу темата. Наместо тоа, патетично изјавив: „Па двајцата се Руси".
Неговото лице снеможе, и Вера повторно се сврте кон него. Иако моите задолженија продолжија уште неколку недели, целата работа веќе не беше иста.
Eдвард Џеј Епштајн
Извор: NYReview of Books