Апаратче со симболично име „Мадлена", според фамозното колаче од „Потрага по загубеното време" чија арома го враќаше Пруст во минатото, служи за регистрирање на краткотрајните олфакторни спомени пред нив да ги однесе ветрот. Неговата авторка, Ејми Ретклиф, оваа година доби награда за нејзиниот дипломски труд кој го нарекува „аналогна мирисна камера", а постапката „мирисографија" (scent-ography).
Заснована на актуелната технологија на изработка на парфеми, Headspace Capture, „Мадлена" работи на истиот начин како и 35мм фото-апарат - како што тој регистрира светилосни информации за да создаде копија на она што го гледа, така и апаратчево ги регистрира и репродуцира молекуларните информации на мирисот. Headspace е метод кој го вовел швајцарскиот хемичар Роман Кајзер, кој неколку децении го користел за да „зароби", анализира и реконструира мириси од природата, и од нив да направи парфеми.
Во видеото ќе видите како оди процесот: предметот се става под стаклено ѕвоно, неговиот мирис се екстрахира преку пластична цевка и се филтрира во капсула која ги регистрира молекуларните податоци на мирисот. Потоа се праќа во лабораторија каде се произведува во мали епрувети полни течни спомени. Единствена маана: малку е комплицирано под стакленово ѕвоно да сместите цел човек.