На пример, знаете ли каде се наоѓа куќата каде во Скопје живеел Васил Иљоски? Или дека бараката на Конески на Водно од пред неколку години е срушена? Не се работи за фетишизам, туку за можност од ваквите места да се направи приказна, и таа да се продава. Како што тоа сега го прават во Бостон.
По американските градови и до сега имаше иницијативи за популаризација на читањето - програмата „Поезија во движење" на њујоршкиот транспорт, со поставување реклами со стихови по метрото и автобуските станици, која се прошири на 20 други градови. Па Малите слободни библиотеки кои се проширија и низ повеќе земји низ светот (меѓу кои и нашата). Па Вашингтон со поетските клупи, повторно Њујорк со хаику сообраќајните знаци, а Детроит со бесплатно издавање куќи на писатели.
Но сега Бостон презема поголем чекор и на почетокот на овој месец ја започна првата национална книжевна област, со веб-страница на која се собираат информации за местата во одделни маала поврзани со литературата, како и календар на настани. Тие вклучуваат разговори со локални блогери, тури на места каде работеле познати автори пред да станат славни (пекари, хотели), како и неделни менија по рестораните со храна инспирирана од книги на бостонски автори.
Во периметарот на областа спаѓаат некогашните живеалишта на Хендри Дејвид Торо, Хенри Џејмс (кој има и роман со наслов „Бостонци“), Силвија Плат и Тед Хјуз, како и седиштата на неколку значајни книжевни и други списанија. Целта е да се акцентира богатата интелектуална историја, која ќе може да се следи и преку неколку апликации за турата. Првата фаза, која започна на 5.10, вклучи и откривање нов споменик на Едгар Алан По, роден 1809 во Бостон, за кого единствената работа која вредела во овој град била питата со тиква (и таа е во понудата).
Сепак, ова не е замислено само за литературни сладокусци, туку како начин да се заинтересираат случајни минувачи и туристи кои дошле во градот по друга работа. На пример оние кои дошле да ги видат спомениците на плоштад, може да им се понуди бар греана ракија во „Јоле“, и притоа да им се изрецитира една од Гане.