Kако и повеќето приказни за историјата на некој феномен, и оваа почнува во древни времиња. Грчките филозофи главно се согласувале дека срцето е поврзано со нашите најсилни чувства, вклучително и со љубовта. Платон, на пример, велел дека градите се локација и на љубовта и на негативните емоции како страв, гнев и болка. Аристотел ја проширил улогата на срцето, доделувајќи му примарна улога во сите човечки процеси.
Помеѓу Римјаните, врската помеѓу срцето и љубовта била вообичаена. Венера, божицата на љубовта, била обвинувана (или славена) за тоа дека со помош на својот син Купидон ги гаѓа заљубените право в срце.
Најстара пак визуелна претстава на срцето во денешната „валентајновска“ форма е од Кирена, близу градот Шахат во Либија, на паричка датирана 510-490 п.н.е. Сепак, она што денес го толкуваме како срце на монетата всушност е стилизирано семе од сега исчезнат вид огромен коморач, кое Либанците го извезувале низ тогаш познатиот свет и кое им носело огромни приходи, па оттаму и решиле да го стават на паричка.
Древните Римјани имале и уште едно интересно верување - дека има вена која се протега од четвртиот прст на левата рака директно до срцето. Ја викале vena amoris. Иако се базирала врз недоволно познавање на човечката анатомија, идејата опстанала низ вековите, па оттаму и обичајот да се носи свадбениот прстен токму на тој прст.
Како што објаснува историчарката Марилин Јалом во ова ТЕДх видео, во текот на следните векови приказот на срцето го имало насекаде низ Европа - на страници од ракописи но и на луксузни предмети како брошеви и привезоци, семејни грбови, карти за играње, чешли, дрвени сандаци, рачки од мечеви, дури и гробови. Во 70-тите на дваесетиот век тој станал дури и глагол. „Јас Њујорк“ било лого дизајнирано од Милтон Глејзер чија цел била промоција на туризмот и кревање на моралот во град кој во тоа време бил полн ѓубре и со висока стапка криминал. Откако станал глагол, симболот почнал да се користи за кое и да е лице, место или предмет.
Во 1999 јапонски провајдер ги објавил првите емоџиња направени за мобилна комуникација. Од 176 симболи, пет имале врска со срце. Сега нивниот број е околу 30 - ги додаваме на мејлови, во четови и во СМС пораки. Природата додуше ги создава, исто како и со горниот пример со коморачот, и без да нè консултира за нивното значење. Еве го во една локална цвеќарница, расте како ползавец и се вика Hoya Kerrii.