Даглас Адамс го има создадено најпознатиот фиктивен читач на е-книги, „Автостоперскиот водич низ галаксијата“, речиси 30 години пред првиот Киндл. Но тој не ги ограничувал своите идеи на научната фантастика.
Во доцните 1990-ти, најмалку една деценија пред да излезе првиот е-читач на Амазон (2007), авторот и хуморист направил серија белешки во кои го предвидува подемот на електронските книги. За жал починал во 2001 и не доживеал да види како неговите зборови, напишани на хартија во А4 формат, стануваат реалност.
„Постои голем отпор кон идејата на е-книги во јавноста. Особено од страна на оние кои пред 10 години рекоа дека не гледаат поента во куцање на компјутер. Верувам дека овој отпор постепено ќе исчезне, како што е-книгите ќе се развиваат и ќе стануваат помали, полесни, поедноставни, поефтини, со други зборови ќе почнат да личат повеќе на книги“.
Белешките се дел од нова книга, „42: неверојатните идеи на Даглас Адамс“, која вклучува и други досега невидени материјали од личната архива, како писма, говори и неискористени парчиња од неговото најпознато дело, „Автостоперски водич низ галаксијата“. Уредник е Кевин Џон Дејвис, кој прв пат го сретнал Адамс во 1978 за да го интервјуира за фанзин. Тој го опишува како „човек фасциниран од технологијата“, кој истовремено промовира конзервација на животната средина (види претходно статија за Адамс како активист за загрозените животински видови).
„Неговите идеи често беа многу пред времето“, вели тој. „Трите страници белешки за идните можности на електронските книги се од доцните 1990-ти, но тој години претходно ја има предвидено оваа индустрија со самиот Автостоперски водич“.
Ова дело имаше неколку верзии, најпрвин се појави во 1978 како радио серија, потоа роман, па ТВ серија од 1981, театарски претстави, компјутерска игра и филм од 2005. Во средиштето на нарацијата беше книга, неопходен електронки водич за универзумот, во кој постоеја само два збора за Земјата - „Главно безопасна“.